Групацијата на автотакси превоз при Град Скопје предупредува дека такси-секторот во главниот град се соочува со сериозни и наталожени проблеми и апелира до надлежните институции итно да преземат мерки за нивно решавање.
Од таму посочуваат дека повеќе од девет години постојат нерешени прашања кои, како што велат, директно влијаат врз работата на такси-превозниците, безбедноста на патниците и правилното функционирање на системот на наплата.
„И покрај бројните укажувања и иницијативи, институциите сè уште не реагираат на соодветен начин за надминување на проблемите“, наведуваат од Групацијата, додавајќи дека барања и предлози биле доставени до Град Скопје на 17 февруари годинава, а до Владата на 19 минатиот месец.
Според нив, состојбата на терен е загрижувачка: од една страна граѓаните се жалат на недостиг на такси-возила, нерегуларни таксиметри и непријавени возачи, а од друга страна постојат, како што тврдат, диви такси-возила без лиценца.
Тие реагираат и на одлуки на Град Скопје поврзани со издавање и продолжување на лиценци за постари возила, без, како што велат, навремена најава и преоден рок.
„Ова значи дека стотици возила би можеле да останат без работа. Во Европа условите се врзуваат за еколошки стандарди Еуро 4, Еуро 5, а во некои земји и Еуро 6. Ние предложивме постепено исфрлање на Еуро 1, 2 и 3 со разумен рок за адаптација од најмалку една година“, стои во соопштението.
Оттаму додаваат дека револтот кај таксистите е голем и најавуваат можни протести кои, како што велат, ќе бидат претходно најавени и координирани со Синдикатот.
Групацијата во барањето до Владата бара координирана интервенција од повеќе институции, како и измени во Законот за превоз во патниот сообраќај.
Меѓу другото, се предлага повторно воведување обврска такси-компаниите да имаат вработени возачи во сооднос еден возач по возило, како и зајакнување на овластувањата на инспекциските служби на Град Скопје.
Покрај тоа, се бара и засилена контрола од Државниот пазарен инспекторат на таксиметрите, како и теренски проверки со асистенција на МВР за спречување нелојална конкуренција.
Управата за јавни приходи, според нив, треба да изврши контрола врз работењето на такси-компаниите, особено во делот на пријавени возачи и фискални извештаи, со цел да се спречат злоупотреби и непријавена работа.
Групацијата повторно реагира и на ограничувањето за возила постари од 15 години, оценувајќи дека ваквата мерка е неправедна и треба да се заснова на еколошки стандарди, а не на старост на возилото.
Според нив, подобро одржувано постаро возило може да има помали емисии од поново, но запуштено возило, па затоа инсистираат фокусот да биде ставен на Еуро-стандардите.
Барањата се доставени до Владата и надлежните институции, со цел, како што наведуваат, воспоставување фер услови и стабилизирање на такси-дејноста во Скопје.
ОhridSky е ваш доверлив извор за сеопфатно и избалансирано покривање на вестите. Со посветеност на интегритет и точност, обезбедуваме длабинско известување кое ги открива приказните што се најважни.
© 2025 OhridSky. Сите права задржани.
Please login or subscribe to continue.
No account? Register | Lost password
✖✖
Are you sure you want to cancel your subscription? You will lose your Premium access and stored playlists.
✖
