СДСМ: Фронтот за вистина и правда е повик за надпартиско обединување за иднината на државата
Наместо поделби, СДСМ нуди визија за обединување околу државните интереси, економски развој, борбата против корупцијата и европските вредности преку поширок Фронт за вистина и правда, порача портпаролката и членка на Извршниот одбор на СДСМ, Богданка Кузеска, на денешната прес-конференција.
Кузеска посочи дека Македонија не смее да биде заложник на политики кои ја оддалечуваат од европскиот пат и дека е потребно обединување околу заедничките државни интереси.
„Фронтот за вистина и правда не е партиски проект туку широко надпартиско – општествено движење отворено за сите граѓани, организации, интелектуалци, професионалци, синдикати и општествени чинители“, рече Кузеска.
Воедно, на прес-конференцијата Кузеска посочи дека со „Скопската иницијатива“ и платформата „Твоја држава, твоја шанса“ СДСМ ја започнува новата етапа на политичко дејствување.
„Етапа заснована на вредностите на социјалдемократијата, борбата за подобар животен стандард, борба против корупцијата и за европска иднина за Македонија.Програмската платформа „Твоја држава, твоја шанса“ е визијата на СДСМ за модерна, праведна и европска држава во која институциите работат за граѓаните, трудот е вреднуван, а младите имаат причина да останат и да ја градат својата иднина дома.Преку „Скопската иницијатива“, СДСМ ја потврди својата улога како обединувачки фактор на поширокото прогресивно движење во регионот и Европа, кое се спротивставува на корупцијата, авторитарноста и антиевропските политики“, рече Кузеска.