Background

Иран вчера тврдеше дека нема „никаков конкретен напредок“ во преговорите со Соединетите Држави за завршување на војната на Блискиот Исток, додека нападите повторно се интензивираат во областа на Персискиот Залив

Иран вчера тврдеше дека нема „никаков конкретен напредок“ во преговорите со Соединетите Држави за завршување на војната на Блискиот Исток, додека нападите повторно се интензивираат во областа на Персискиот Залив.

– Разменети се пораки за потребата од прекин на агресијата врз Бејрут, но во преговарачкиот процес не е остварен никаков конкретен напредок – изјави иранскиот министер за надворешни работи, Абас Арагчи, мислејќи притоа на израелските напади врз проиранскиот Хезболах во Либан.

Секој напад врз либанската престолнина би довел до „повторно избувнување на војна од големи размери“, предупреди тој во интервју за либанската телевизиска станица „Ал Мајадин“, како што јави иранската новинска агенција „Тасним“.

- Advertisement -
Ad image

Овие изјави се во целосна спротивност со оние кои подоцна ги изнесе американскиот претседател Доналд Трамп во Овалната соба.

– Ми велат дека преговорите одат многу добро (…) Кој знае (…), можеби сè ќе биде завршено уште овој викенд – оцени Трамп.

Тој исто така изјави дека сака да ги „одвои“ разговорите за Либан од оние за Иран, додека Техеран смета дека станува збор за едно исто прашање.

Американскиот државен секретар Марко Рубио ја увери комисијата на американскиот Конгрес дека прашањето за збогатениот ураниум „јасно се разгледува“, признавајќи дека Техеран нема дадено свое одобрение.

Судбината на збогатениот ураниум е едно од главните спорни прашања на патот кон можен договор. Соединетите Држави и Израел го обвинуваат Иран дека сака да развие нуклеарно оружје, што Техеран го отфрла.

Претходно во текот на денот, Кувајт го обвини Техеран за напад врз неговиот аеродром, што е прв смртоносен напад од стапувањето во сила на примирјето, кое стана сè покревко поради судирите меѓу Иран и САД во Заливот.

Според наводите на властите, во нападот со дронови едно лице загинало, а 63 се повредени. Исламската револуционерна гарда, идеолошката војска на Исламската Република, го негираше нападот врз аеродромот.

Непријателствата во последните денови повторно се интензивираа, особено околу Ормуската Теснина, стратешки важен поморски премин за транспорт на енергенси кој е под контрола на Техеран.

Кувајт соопшти дека во средата бил мета на вкупно 13 балистички ракети и 17 ирански дронови.

– Експлозиите се нижеа една по друга и беа многу блиску до станбените области. Децата за првпат ја почувствуваа сериозноста на ситуацијата – раскажа за АФП 40-годишниот Пакистанец Хасан Шеик, кој живее недалеку од аеродромот.

Овие нови напади повторно ја кренаа цената на нафтата на речиси 100 долари по барел, по смирувањето на пазарот минатата недела поради надежите за договор меѓу Техеран и Вашингтон со кој трајно би се ставил крај на конфликтот.

Според наводите на американската Централна команда (CENTCOM), Иран во текот на ноќта истрелал ракети кон Бахреин, што предизвикало американски воени воздушни напади како одговор врз иранскиот остров Кешм. Според Техеран, погодена е комуникациска кула.

Од друга страна, Исламската револуционерна гарда објави дека гаѓала воздушна база во Кувајт и седиштето на американската Петта флота во Бахреин, како одговор на нападот врз Кешм и нападот врз ирански танкер. Таа исто така соопшти дека цел бил и брод поврзан со Израел и Соединетите Држави.

Иранските дипломати ги обвинија Кувајт и Бахреин дека му дозволуваат на Вашингтон да ја користи нивната територија за дејствување против Иран. Кувајт го демантираше тоа и истовремено најави протерување на двајца членови на иранската амбасада.

Писмена изјава од врховниот ирански водач Моџтаба Хамнеи се очекува денеска, на годишнината од смртта на основачот на Исламската Република, Рухолах Хомеини, која се одбележува со голема церемонија во неговиот мавзолеј. Оваа година таа комеморација се совпаѓа со еден од главните шиитски верски празници, кој масовно се одбележува на улиците.

Додека израелските и либанските делегации повторно се состанаа вчера во Вашингтон, во израелски воздушни напади во Либан беа убиени најмалку девет лица, вклучувајќи еден војник и двајца спасувачи.

Марко Рубио изјави дека се надева оти израелско-либанските преговори ќе резултираат со „план за дејствување“ за безбедноста во Либан.

Од друга страна, Израел објави дека пресретнал „непријателска летала“ и две ракети истрелани од Либан, додека Хезболах ја презеде одговорноста за нападот врз израелска територија.

Додека Хезболах се противи на преговорите меѓу Либан и Израел, либанскиот премиер Наваф Салам тврди дека тие остануваат „најевтината опција“ за неговата земја, која беше вовлечена во регионална војна на 2 март откако либанското движење отвори оган кон соседната држава.

ЗА НАС

ОhridSky е ваш доверлив извор за сеопфатно и избалансирано покривање на вестите. Со посветеност на интегритет и точност, обезбедуваме длабинско известување кое ги открива приказните што се најважни.

© 2025 OhridSky. Сите права задржани.

Boat Galeb Вработување

Login to enjoy full advantages

Please login or subscribe to continue.

Go Premium!

Enjoy the full advantage of the premium access.

Stop following

Unfollow Cancel

Cancel subscription

Are you sure you want to cancel your subscription? You will lose your Premium access and stored playlists.

Go back Confirm cancellation