Може ли концерт и илјадници луѓе на исто место да предизвикаат вибрации еднакви на земјотрес? На ова прашање позитивен одговор даде истражувањето на Геодинамичкиот институт при Националната опсерваторија во Атина, по мерењата за време на концертите на групите „Металика“, „Ајрон Мејден“ и „Фајналфорот“ во грчката метропола, извршени со помош на специјални сеизмографи поставени на олимпискиот стадион, јави дописничката на МИА од Атина.
Вибрациите на концертот на „Металика“, на кој присуствуваа над 80.000 луѓе, биле еднакви на локална магнитуда од 1,5 и речиси двојно посилни од оние на „Ајрон Мејден“.
Од Геодинамичкиот институт пред концертот информираа дека со помош на привремено поставена високочувствителна сеизмолошка станица во просторот на олимпискиот стадион ќе ги регистрираат и ќе ги проучуват вибрациите, со намера да испитаат дали може да бидат силни колку и земјотрес, а денеска ги објавија резултатите.
Станицата работела за време на концертите на „Металика“ на 9 мај и на „Ајрон Мејден“ на 23 мај 2026 година, „континуирано регистрирајќи ги микроскопските движења на тлото, предизвикани од десетици илјади посетители“.
„Анализата на податоците покажа дека концертот на „Металика“ произведе значително посилни вибрации во споредба со оној на „Ајрон Мејден“. Максималните регистрирани забрзувања беа околу 2,5 пати поголеми, додека вкупната сеизмичка енергија што беше измерена одговара на еквивалентна локална магнитуда од приближно 1,5 степен за „Металика“ и 0,9 за „Ајрон Мејден“. Иако овие вредности не одговараат на вистински земјотреси, претставуваат корисен начин за квантифицирање и за споредување на интензитетот на вибрациите што ги создава публиката“, пишува во извештајот.
Сеизмографите ги регистрирале и реакциите на публиката на одредени песни. Песната што предизвикала најголема сеизмичка реакција на концертот на „Металика“ била „Moth into flame“, а на „Ајрон Мајден“, „Killers“.
Ден по концертот на „Ајрон Мајден“ Атина беше домаќин на финалето на Евролигата што се одигра во затворената сала во Олимпискиот комплекс, а привремената сеизмолошка станица работела и за време на натпреварот меѓу Олимпијакос и Реал Мадрид. Податоците покажале дека реакциите на навивачите за време на клучни моменти, а особено при доделувањето на трофејот, создале јасни сеизмички сигнали.
Од Геодинамичкиот институт објаснуваат дека овие вибрации биле на пониско ниво од оние регистрирани на концертот на „Металика“, но споредливи со оние од концертот на „Ајрон Мајден“.
За истражувањето објаснија дека спаѓа во т.н. „сеизмологија на толпата“.
„Резултатите ги истакнуваат можностите на сеизмологијата да регистрира не само природни појави, туку и влијанието на човечката активност врз животната средина, претворајќи две од најголемите музички манифестации во годината во оригинален теренски научен експеримент“, соопшти институтот.
Tagged as:
ПУБЛИКАТА ПРЕДИЗВИКАЛА „ЗЕМЈОТРЕС“ НА КОНЦЕРТОТ НА „МЕТАЛИКА“ ВО АТИНА
ОhridSky е ваш доверлив извор за сеопфатно и избалансирано покривање на вестите. Со посветеност на интегритет и точност, обезбедуваме длабинско известување кое ги открива приказните што се најважни.
© 2025 OhridSky. Сите права задржани.
Please login or subscribe to continue.
No account? Register | Lost password
✖✖
Are you sure you want to cancel your subscription? You will lose your Premium access and stored playlists.
✖
