Background

ПЕДЕСЕТНИЦА, ЕДЕН ОД НАЈГОЛЕМИТЕ ХРИСТИЈАНСКИ ПРАЗНИЦИ

Православните христијани денеска го одбележуваат празникот Педесетница – Слегување на Светиот Дух (Духовден). Педестница спаѓа меѓу големите Господови празници. Меѓу народот е познат со повеќе имиња, како Дуовден, Доедни, Свети Дух, Педестница итн.

Се празнува десет дена по Спасовден (Вознесение Христово), а педесет дена по Велигден (Воскресение Христово). Духовден го означува слегувањето на Светиот Дух врз апостолите, или како што го нарекуваат светите отци „Роденденот на Црквата“.

На 10-тиот ден од Христовото вознесение, а на 50-тиот од Неговото воскресение, на еврејскиот празник Педесетница, Светиот Дух слезе врз апостолите во вид на пламени јазици, а тие се исполнија со сила и добија дар да зборуваат на разни јазици.

- Advertisement -
Ad image

За црквата овој настан има посебно значење затоа што Светиот Дух од тоа време, па се до денес не ја напушта и непрестано слегува врз црквата на литургијата, во молитвите, во сите дела. Тој е оној Дух по кој христијанскиот живот се нарекува духовен.

Педесетница е еден од најсветлитe празници во христијанството и претставува исполнување на старозаветните пророштва. Во Стариот завет луѓето знаеа само за Бог, со раѓањето на Христос го видоа Единородниот Син, а на Педесетницата го запознаа третото лице на Света Троица – Светиот Дух.

Со слегувањето на Св. Дух врз апостолите се исполни Домостројот на спасението на човечкиот род, заврши основањето на Црквата Христова или Царството Божјо на земјата. Од мигот на првата христијанска Педесетница, Црквата почна да го живее својот живот во полнота, да расте и да се развива внатрешно и надворешно, во висина и ширина, за да подготвува и прима нови души за Христа.

Кога се зборува за празникот Педесетница, тогаш неопходно е да се разликуваат два моменти: прво, периодот од педесет дена после Воскресение, кога се славеле повеќе настани поврзани со Христовиот живот на земјата, и второ самиот ден Педесетница, кога се славел споменот на Слегувањето на Светиот Дух врз апостолите. Во вториов случај, заедно со Слегувањето на Светиот Дух се славело и Вознесението Христово. Одделувањето на овие два празници се случило кон крајот на IV век и после Вториот Вселенски Собор, зашто било особено важно во Домостројот на спасението да се истакне и благодатната улога на Светиот Дух. Така периодот помеѓу празниците Вознесение и Педесетница станал подготовка за слегување и примање на Светиот Дух.

Првиот и најстар богослужбен чин на Педесетница е од VII век и се наоѓа во Ерусалимскиот устав на грузиски јазик. Во празничното Синајско Евангелие напишано со златни букви, кое потекнува од VIII век, во составот на 12 – те евангелија кои се читаа на 12 – те Големи празници влегува и евангелието за Педесетница. Вториот целосен богослужбен чин за овој празник го имаме во Цариградскиот устав од IX век.

Првата песна за службата на Педесетница (кондак) ја напишал Роман Мелод во VI век. За некои стихири, како за првата стихира на „Господи Возвах“ на Вечерната богослужба, користени се материјали од словото на св. Григориј Богослов за Педесетница. Црковни песни за празникот пишувале и светите Козма Мајумски, Јован Дамаскин, Лав VI Мудриот и др.

Во I век „горната одаја“ била особено важно место на почитување кај христијаните. Таму во почетокот била изградена мала црквичка, која подоцна, во IV век, царицата Елена ја претвора во огромен храм со два

Фото: Принтскрин

ката. Според преданието, овде Господ им ги измил нозете на апостолите, овде тие се собирале после Воскресението, овде се вратиле после Вознесението Христово и овде се случило Слегувањето на Светиот Дух. Овој храм долго време бил главен храм во Ерусалим.

 

За жал со првите напади на муслиманите од страна на калифот Омар во 636 – 637 год., настрадале многу светињи во Светата Земја, меѓу кои и храмот на Воскресението. Потоа доаѓаат Крстоносците „во одбрана“, но наместо да се постават во заштита на христијанските светињи, тие го направиле токму обратното, бидејќи и самите дишеле со омраза кон православното христијанство и сакале да го потчинат, со што само придонеле муслиманите уште повеќе да напредуваат на Истокот.

Исламот продрел не само во Палестина, туку и во Египет и Сирија и во сите други православни источни земји. Мухамеданците најнапред воинствено ги освојувале источните православни христијански земји, а потоа со разни механизми на принуда ги исламизирале христијаните, а светињите ги претворале во џамии.

Како резултат на тоа „горната одаја“ или Сионскиот храм, најпрвин во 1333 година станува латински храм на Францисканците, а кога латините се протерани во 1559 година, за време на султанот Сулејман муслиманите ја претвораат во џамија, нарекувајќи ја „Неби-Дауд“ (пророк Давид, т. е. гробот Давидов).

Денес, џамијата го има задржано истиот облик којшто ѝ бил даден од Францисканците и има 2 ката, со по 2 простории. На првиот кат и во првата просторија, според Преданието, Господ им ги измил нозете на апостолите. Во втората просторија, пак, е местото на јавувањето на Спасителот после Воскресението. Вториот кат исто така има две простории: во првата се случила Тајната Вечера, а во втората Слегувањето на Светиот Дух врз апостолите.

ЗА НАС

ОhridSky е ваш доверлив извор за сеопфатно и избалансирано покривање на вестите. Со посветеност на интегритет и точност, обезбедуваме длабинско известување кое ги открива приказните што се најважни.

© 2025 OhridSky. Сите права задржани.

Boat Galeb Вработување

Login to enjoy full advantages

Please login or subscribe to continue.

Go Premium!

Enjoy the full advantage of the premium access.

Stop following

Unfollow Cancel

Cancel subscription

Are you sure you want to cancel your subscription? You will lose your Premium access and stored playlists.

Go back Confirm cancellation