Народот кој ги чува своите корени и јазик никогаш не се губи, не останува без дом, народот кој ја чува својата култура секогаш ќе има иднина, рече претседателот на Владата Христијан Мицкоски на свечената академија во Нови Сад по повод 80 години од населувањето на Македонците во Војводина.
– Да испратиме порака дека човечката блискост е посилна од поделбите, дека културата е посилна од заборавот и дека идентитетот не се чува само со зборови, туку со живот, со љубов и со достоинствено пренесување на вредностите од генерација на генерација. И каде и да живеат Македонците, во Македонија, во Србија, во Европа или каде било низ светот, тие остануваат дел од едно големо духовно, историско и културно семејство кое трае, памети и опстојува – рече Мицкоски пред преполната сала во Нови Сад.
Мицкоски рече дека денес од Нови Сад испраќаме порака на заедништво, на почит и пријателство, дека иднината мора да се гради врз она што нè поврзува, а не врз она што нè разделува. Тој посебно им се обрати на младите Македонци во Србија, на младите во Нови Сад, Панчево, Јабука, Качарево, Зрењанин, Белград и секаде каде што живее нашата заедница, порачувајќи им никогаш да не го заборават македонскиот јазик, песните и македонските приказни.
– Вие сте генерацијата на новото време, генерацијата на технологијата, мобилноста и на глобалните можности, но токму во такво време уште поважна станува свеста за сопствените корени. Не дозволувајте модерноста да ви ја одземе меморијата и брзината на времето да ви го избрише чувството на припадност. Бидете современи, успешни, образовани и освојувајте универзитети, компании, институции и културни сцени, но никогаш не заборавајте кој јазик ве научил на првиот збор, која песна ви ја пееле вашите родители и кои приказни ви ги раскажувале вашите баби и дедовци – рече Мицкоски.
Го цитираше Блаже Конески, кој нè предупредуваше дека „во јазикот е нашата судбина“, затоа што јазикот не е само средство за разбирање, туку за паметење, култура и духовен дом што човекот го носи во себе каде и да живее.
Нови Сад и Војводина, посочи Мицкоски, отсекогаш биле простор каде различностите не биле слабост, туку богатство, простор каде народите не морале да се откажат од својот идентитет за да живеат заедно, туку напротив – преку заемна почит и разбирање создавале мозаик од култури, јазици и традиции кој денес претставува едно од најголемите богатства на овој дел од Европа. Во таа приказна, Македонците имаат свое чесно, заслужено и достоинствено место.
Претседателот на Владата им одаде почит на сите македонски организации, културни друштва, интелектуалци, наставници, активисти, духовници и семејства кои 8 децении го чуваат македонскиот збор во Србија и во Војводина, затоа што, како што рече, нивната работа не е само организациска активност, туку историска мисија и тивка, но голема борба за зачувување на духовниот континуитет на нашиот народ.
Во својот говор Мицкоски потенцира дека Македонците и Србите не ги поврзуваат само географската блискост и историјата, туку вредности, духовност, почитта кон семејството, чувството за слобода и човечката потреба човек да остане свој, а истовремено да го почитува другиот.
– Ако нешто претставува жив мост меѓу нашите народи, тогаш тоа сте токму вие – Македонците во Србија. Вие сте жив доказ дека блискоста и припадноста не се создаваат со декларации и формални зборови, туку со живот, со доверба, со човечност и со меѓусебна почит што се градела низ генерации – рече Мицкоски.
Тој се заблагодари на Република Србија, нејзините институции и граѓани кои со децении придонесуваат македонската заедница да живее достоинствено, слободно и со право да го негува својот идентитет, својот јазик и својата култура.
Балканот, истакна Мицкоски, памети и поинакви приказни од ова тука.
– На држави кои не признаваат малцинства и во 21 век делови од народи кои се борат за човечки правдини. Таквите примери говорат за тоа дека не сите се дораснати, без оглед на епитетите, членствата во организации или големината на државите. И можеби токму во ваквите човечки приказни се наоѓа вистинскиот одговор на сите поедноставени претстави за Балканот – не во поделбите и стереотипите, туку во луѓето кои умеат да градат мостови без да ги рушат сопствените корени и кои разбираат дека припадноста не значи исклучување на другиот, туку сигурност во сопствениот идентитет – рече Мицкоски.
Историјата, додаде тој, нè учи на една едноставна, но длабока вистина – народите не опстојуваат само преку институции, територии или политички системи, туку, пред сè, преку паметењето, преку јазикот, културата и вредностите што ги пренесуваат од генерација на генерација.
– Во време кога светот се соочува со нови поделби, нови неизвесности и нови геополитички тензии, нашите народи имаат обврска да градат мостови, а не ѕидови, да ја чуваат блискоста создадена низ генерации луѓе и да ја пренесуваат како вредност на идните генерации – рече македонскиот премиер Мицкоски.
На свечената академија се обрати и српскиот премиер Ѓуро Мацут кој рече дека овој јубилеј 80 години од населувањето на Македонците во Војводина е за гордост и е пример за сите како народите живеат заедно во различностите.
Мацут се наврати на историските и политичките промени од минатото, наведувајќи дека и покрај се тоа непроменети останале почитувањето и пријателството меѓу македонскиот и српскиот народ.
– Убеден сум дека секој Македонец се чувствува во Србија како во својата куќа, бидејќи ја градиме заедно. Врските кои постојат меѓу нашите народи се многу посилни од соседските и политички врски, тие се семејни. Секој од нас има некој од Македонија и секој од вас има некој во Србија. Нашето пријателство го докажавме безброј пати. Кога беше тешко пред 30 години, кога воспоставивме и формални дипломатски односи, кога го признавме името и идентитетот… – рече Мацут.
Тој посочи на иницијативата Отворен Балкан и соработките на друг план.
Постојат, додаде, и некои несогласувања, но докажавме со заеднички труд дека неопходно е да се издигнеме врз дневната политика и ќе продолжиме да се помагаме на секој план да стасаме онаму каде што ни е местото во Европската Унија.
– Владата на Република Србија, владата на автономната покраина Војводина, како и локалните институции остануваат на располагање да ви помогнат да го зачувате вашиот идентитет, традицијата и културата – рече Мацут.
Претседателката на покраинската влада на Војводина Маја Гојковиќ оцени дека овој јубилеј е скапоцено потсетување на важен историски момент и прилика да се оддаде признание на генерациите на луѓето кои, доаѓајќи во Војведина, по тешки воени години, тука граделе нов живот, нови домови и нова иднина, секако, не одрекувајќи се од својот идентитет, јазикот, културата и традицијата.
– Во текот на изминатите 80 години, Македонците станаа нераскинлив дел од општествениот, културниот и стопанскиот живот на Војводина. Македонското национално малцинство во Војводина даде бројни истакнати поединци кои оставија длабока трага во нашата уметност, во нашиот спорт и генерално во јавниот живот на нашата земја. Нивното дело и денес поврзува луѓе ширум регионот и потсетува дека вистинските вредности ги надминуваат сите граници. Со својата работа, знаење и посветеност придонеле на развојот на нашата покраина, чувајќи го истовремено своето богато наследство на својот народ. Со тоа повторно потврдиле дека се една од најголемите сили и предности на Војводина, а тоа е способност разностите да не се доживуваат како пречка, туку како богатство и развојна шанса – рече Гојковиќ.
Претседателката на Националниот совет на Македонците во Србија Зорица Митровиќ истакна дека во 1946 година многу македонски семејства пристигнале во Војводина како дел од раселувањето на населението по Втората светска војна. Митровиќ истакна дека Македонците не само што го зачувале својот идентитет, туку станале дел од мултикултурна Војводина. Националниот совет со години работи на унапредување на македонскиот национален идентитет, но советот, потенцира таа, не е само институција тој е чувар на нашата колективна меморија.
– Националниот совет покрена иницијатива Нови Сад да добие спомен обележје Мајка Македонија. Тоа нема да биде само споменик од камен и бронза. Ќе биде сведоштво за присуството, траењето и придонесот на македонската заедница на овие простори, порака до идните генерации дека човекот може да живее далеку од татковината но никогаш далеку од своите корени – рече Митровиќ.
На свеченоста присуствуваа и министерот за надворешни работи Тимчо Муцунски, министерот за култура Зоран Љутков, заменик министерката за европски прашања Викторија Трајков, потпретседателот на Владата и министер за односи меѓу заедниците Иван Стоилковиќ, директорот на македонскиот Културен центар во Белград и Македонци од Војводина. Исто така и министерот во српката Влада Демо Бериша и претставници на локалните власти.
Tagged as:
Во Нови Сад и во Војводина различностите никогаш не биле слабост туку богатство
ОhridSky е ваш доверлив извор за сеопфатно и избалансирано покривање на вестите. Со посветеност на интегритет и точност, обезбедуваме длабинско известување кое ги открива приказните што се најважни.
© 2025 OhridSky. Сите права задржани.
Please login or subscribe to continue.
No account? Register | Lost password
✖✖
Are you sure you want to cancel your subscription? You will lose your Premium access and stored playlists.
✖
