Владиката Петар на следната синодска седница ќе побара да се формираат нови епархии во дијаспората, посебно во Европската епархија на МПЦ-ОА, каде е надлежен владиката Пимен.
Во црковните кулоари се шпекулира дека целта на барањето е на тронот на некоја нова епархија да биде избран некој од архимандритите кои му се блиски.
Според него, надлежниот европски владика Пимен не работел канонски, односно, не ги посетувал сите европски земји во кои има наши иселеници.
– Не може на еден владика од дијаспората седиштето да му биде во Скопје. Зборувам конкретно за Европската епархија, која има преку 500.000 верници. А другите цркви во Европа имаат шест-седум епархии, а ние со една епархија. Значи, почнуваме процес пред Синодот за формирање други епархии во дијаспората. Ако сме 500.000 во Европската епархија, не може дедо Пимен, откако е поставен на таа епархија, 10 години да не е стапнат во Англија. А таму има четири црковни општини. А каноните велат дека ако еден архијереј шест месеци не стапне во својата епархија, во конкретниот случај, држава, му се одзема епархијата – рече владиката Петар во гостувањето на ТВ Алфа.
Петар го нарече Пимен и лажен владика, алудирајќи на моментот дека тој се извинил за повикот да се гласа на референдумот за прифаќање на Преспанскиот договор со Грција, бидејќи бил излажан.
– Пимен се покајал. Чекајте, тоа е исто како Ева и Адам. Кога Господ го праша Адам… Адаме, да не си јадел од забранетото дрво и плод… Вика ја не сум виновен, туку виновна е Ева, ти што ми ја даде… Значи Господ е виновен… и што му кажа Господ… Надвор од Рајот… Ако јас како владика лажам, значи јас сум лажен владика и треба да си одам од црквата – рече владиката Петар.
Во интервјуто, тој го проблематизира и однесувањето на делчевско-каменичкиот епископ Марко бидејќи имал контакти со српскиот владика Андреј кој, пак, ги поддржувал студентските протести во Србија.
– Е, па, сега не може да седите во Скопје, да управувате со цела Европа, а да не знаете што се случува во Малта, дека таму си оди владиката Марко и служи во српска црква… си врши служби… и дава изјави дека ние не сме биле автокефална црква и дека соборот на архиереите не донел таква одлука. Тоа, мислам, е поврзано со оној владика кој управува со Малта, владиката Андреј (СПЦ), кој со уште некои архиереи таму прават проблем со самата српска црква и за кои беше јасно кажано дека биле за опозицијата, за студентските протести што биле таму. И ние сега што праиме? Ќе се здружуваме со другите цркви за да им правиме штети на другите цркви – нагласи владиката Петар.
Тој неодамна се повлече од управувањето на Австралиско-новозеландската епархија.



