Руските вооружени сили со одобрение од претседателот Владимир Путин ќе можат да ослободуваат руски државјани приведени во странство, согласно законските измени што денеска беа усвоени.
– Рускиот парламент ги изгласа соодветните законски измени најавени во март – изјави претседателот на Државната дума, Вјачеслав Володин.
Западната правда се претвори во репресивна машина за пресметка со оние што не се согласуваат со одлуките наметнати од европските функционери, додаде тој, образложувајќи ја иницијативата.
– Во такви околности, важно е да направиме сè што е можно за да ги заштитиме нашите граѓани во странство – рече Володин.
Предуслов за воена операција за ослободување на руски државјанин ќе биде наредба од претседателот Путин.
Законот може да се толкува и како обид на Путин да си обезбеди подобра заштита во странство, со оглед дека Меѓународниот кривичен суд во Хаг покрена обвинение против него за воени злосторства во Украина. Доколку Путин или други руски државјани бидат неправедно приведени, осудени или затворени, според рускиот закон ќе биде можна воена операција за нивно ослободување.
Независни руски правни експерти сметаат дека измените имаат, пред сè, одвраќачки карактер и не очекуваат законот често да се применува во пракса.
Путин претходно потпиша и закон според кој пресудите на странските судови нема да се спроведуваат доколку се косат со интересите на Русија.



