Раните часови на неделно утро на плажата Сараиште биле поинакви од вообичаените. Наместо капалишта, тука се виделе ракавици, кеси за смет, грабалки и ентузијазам , и тоа кај луѓе од сите возрасти. Со заеднички сили, тимовите на Еко-Флуид, Воден Свет Преспа и Нуркачкиот Центар Акватек, заедно со децата од плажата Сараиште, го дадоа својот придонес во рамки на Генералка Викенд 2026.

Акцијата е дел од поголемата иницијатива „Генералка Викенд” , национален проект за чистење на јавни простори, природни локалитети и крајбрежја, кој секоја пролет го мобилизира граѓанскиот сектор, локалните организации и поединци ширум Македонија. Плажата Сараиште, позната по своите убавини но и по честите траги на незгрижен отпад, оваа сезона доби посебно внимание.

- Advertisement -
Ad image

Уште во раните утрински часови, волонтерите пристигнале опремени со заштитни ракавици, торби за смет и алатки за собирање. Еко-Флуид ги координирал копнените тимови, кои ги претресувале скриените катчиња под клупите, во растителниот покривач по оградите и долж целото крајбрежје. Воден Свет Преспа ги поддржал со логистика , мотивација,и нуркачки тим, додека нуркачите од Акватек го зеле на себе и подводниот дел , ронеле долж плиткиот брег за да извлечат отпад кој со месеци лежи потопен под езерската површина.

Она што го направило денот незаборавен, биле децата. Мали волонтери , некои дури и од предучилишна возраст , со жар ги следеле постарите, посегале по тревата, покажувале со прст кон секое шише и секоја конзерва. Нивната енергија и несмален ентузијазам ги инспирирале и возрасните да работат побрзо.

Акцијата во бројки

  • Плажа Сараиште — главна локација
  • 3 организации: Еко-Флуид, Воден Свет Преспа, Акватек
  • Учество на деца од плажата
  • Копнено и подводно чистење
  • Цигари, конзерви, пластика, кеси — исчистени
  • Живи ракови извадени живи и вратени
  • Пред/после: видливи резултати на лице место
Под водата и над неа

Нуркачите на Акватек Воден Свет Преспа донеле посебна димензија на оваа еко-акција. Облечени во нуркачка опрема, тие навлегле во водите на Охридското Езеро и систематски ги барале отпадоците по подводниот брег. Едно од позначајните наоди биле живи ракови фатени во отпадни мрежи , биле внимателно ослободени и вратени назад во нивниот природен амбиент, симболичен гест кој предизвикал восхит кај децата присутни.

На површината, прегледот на исчистените материјали бил и потресен и охрабрувачки: прозирна пластична чаша наполнета до врвот со цигари и дрвени штапчиња за сладолед, стиснати конзерви од енергетски пијалаци, фрагменти картон и пластични шишиња , сé извлечено директно од езерскиот брег. Секоја кеса наполнета со смет значела една победа, чекор во заштитата на екосистемот.

Паралелно, копнените тимови работеле во методичен растер , едни со грабалки, други со клешти за собирање. Направено е и видливо „пред и потоа” , фотографии кои посведочуваат дека и само неколку саати рачна работа можат коренито да ги сменат условите на локалитетот. Патека покрај старите камени ѕидини, дотогаш завлечена со тревест отпад, конзерви и пластика, после акцијата изгледала речиси нечшната.

„Езерото не може да зборува , но нас ни дава сè. Оваа акција е начин да му возвратиме барем дел од она што го должиме. А кога тоа го гледаш преку очите на дете, ќе сватиш  дека тоа е само почеток“— Волонтер, Нуркачки Центар Акватек.

Еко-едукација која започнува рано

Она што организаторите намерно го вградиле во структурата на денот, е вклучувањето на најмладите. Родителите ги довеле своите деца не само да набљудуваат, туку активно да учествуваат  и децата одговориле со целосна посветеност. Тие ги совладале правилата: каде да стапнат, кои предмети да не ги допираат со голи раце, како да ги разликуваат видовите отпад. Беа вистински мали еко воини.

Воден Свет Преспа, познат по своите еколошки едукативни програми за заштита на Охридско и Преспанско Езеро, ваквите теренски акции ги смета за незаменливи. Не постои учебник кој може да го замени искуството на дете кое со своите раце подига пластично шише од брегот и го става во кеса , тоа е лекцијата која останува засекогаш.

Генералка Викенд 2026 досега опфатила десетици локалитети низ целата земја, но акцијата на Сараиште добива особено место поради синергијата меѓу подводниот и копнениот пристап, и заради неодоливата слика на деца и нуркачи рамо до рамо во служба на природата.

Учесниците ја напуштиле плажата со умор на лицата и задоволство в срцето  и , со колективна порака: Заедно можеме.