Кај 33 жртви во дискотеката „Пулс“ се пронајдени цијаниди во крвта, кај 49 имало присуство на алкохол, кај 8 дрога, а кај 4 седативи и антидепресиви, но, главна причина за смртта на 59 лица, врз основа на обдукциските наоди и токсиколошките анализи, се: насилно задушување од труење со јаглероден моноксид, амбиентално задушување, компресивно задушување и термичко оштетување на дишните органи, рече директорот на Институтот за судска медицина, Александар Станков на денешното рочиште за пожарот во Кочани.
Кај останатите 4 загинати причини за смрт се оштетување на белите дробови и изгореници.
– Јаглерод моноксидот е најчест токсичен гас што се јавува при пожари во затворен простор. Тој многу брзо и добро ја исполнува просторијата и е доминантен причинител за смртта. Кога се дава причина за смрт, се дава основниот и доминантен причинител. Кај овие лица процесот на отпочнување на смртта е од јаглероден моноксид, но не можеме да ги исклучиме и останатите дополнителни фактори. Доминантната причина е јаглероден моноксид, а потпомогнале и синергистички делувале топлиот воздух, чадот и вдишувањето на цијанид, кои само го потпомогнале настапувањето на смртта – изјави Станков.
Водородниот цијанид, посочи Станков, само потпомогал, но труењето со јаглероден моноксид е главниот причинител на смртта.
– Доколку водородниот цијанид беше главен причинител тогаш и бројот на загинатите би бил многу поголем – рече Станков.
На прашање од Обвинителството Станков на почетокот објасни дека Институтот за судска медицина бил вклучен на два начини – со наредби на Обвинителството биле извршени обдукции на жртвите со цел идентификација и утврдување на причините за смрт, а кај повредените за утврдување на причините на повредите и нивна правна квалификација.
– Причината за смрт кај секоја од жртвите беше утврдена врз основа на надворешниот и внатрешниот наод од обдукциите, како и резултатите од токсиколошките испитувања – рече сведокот.
Станков посочи дека во писмените извештаи за извршените обдукции се содржани дел од токсиколошки наоди – за јаглероден моноксид и за алкохол, а во пасусот каде се наведени резултатите е ставен дел дека сите други резултати ќе бидат дополнително доставени. Причина за тоа е што одредени токсиколошки анализи бараат подолг временски период за испитување, како и големиот број примероци.
– Во врска со водородниот цијанид е потребна прецизна метода, заради што на Институтот се инсталираше нов апарат и после проверката за неговата исправност беа направени тие анализи. Мора да напоменам дека токсиколошките анализи се работеа во континуитет и сите беа извршени врз основа на наредбите за обдукција на починатите – изјави Станков.
Резултатите за присуство на јаглероден моноксид се во извештаите за извршените обдукции.
– Кај 7 лица е утврдена концентрација до 10%, кај 17 до 20%, кај 17 до 30%, кај 14 до 40% и кај 4 лица над 40% карбокси хемоглобин во крвта – рече Станков.
Јаглеродниот моноксид е безбоен гас, без мирис, се создава при нецелосни согорување и е еден од водечките причини за смрт. Својата токсичност ја искажува со тоа што се врзува со хемохлобинот во крвта и има до 200 пати поголема врска од кислородот, со што оневозможува транспорт на кислород до органите. Тој се врзува и со миоглобинот во мускулите со што предизвикува слабост во мускулите и отежнато движење.
– Основна симптоматологија при труење се главоболка, вртоглавица, повраќање и смрт. Кај пожари, особено во затворен простор, никогаш не треба да се гледа како изолиран фактор. Тој е доминантен, но има и други штетни фактори кои го потпомагааат неговото дејствие. Освен јаглероден моноксид, при пожари во затворен простор се создаваат и други токсични гасови. Поради согорувањето просторијата се полни со чад кој при вдишување ги затнува дишните патишта. Тука е и жешкиот воздух при вдишувањето. Затоа не треба да се гледа и да се споредува со одредени таблици дека треба да има концентрација од 50 до 70% за да настапи смрт. Тоа е комплексно – изјави Станков.
Разлика меѓу труење и задушување со јаглероден моноксид не постои, затоа што задушувањето може да биде различно.
– Кај јаглеродниот моноксид задушувањето е од хемиската реакција и нема никаква разлика. Задушувањето е на клеточно ниво, бидејќи јаглеродниот моноксид не дозволува транспорт на кислород до ткивата – рече Станков.
Токсиколошките анализи, нагласи Станков, покажале дека водородниот цијанид е содржан во крвта кај 26 лица.
– Цијаниди во крвта се пронајдени кај 11 лица во концентрација до 0,6 микрограми на милилитар крв, кај 5 до 1 микрограм на милилитар, кај 9 лица до 2 микрограми, кај 4 лица до 3 микрограми и кај 4 лица до 5,25 микрограми на милилитар – изјави Станков.
Водородниот цијанид е безбоен гас и се создава при пожари и при согорување на полиутерани. Тој е еден од најтоксичните гасови, кој, исто така, делува на клеточно ниво и го оневозможува клеточно дишење. При негови високи концентрации во воздухот смртта настапува многу брзо, и до една минута.
Концентрацијата на цијанид во крвта никогаш не треба да се гледа изолирано кога се работи за вака комплексен случај. Концентрација меѓу 2 и 3 микрограми на милилитар прави тешки компликации, а над 5,5 се смета дека се смртоносни. До ова е дојдено искуствено, бидејќи има најдени и повисоки концентрации што не биле смртоносни.
Според резултатите добиени од анализите на етил алкохол во крвта кај починатите, кај 10 немало алкохол во крвта, кај 12 имало до 0,5 грам промили, од кои петмина биле малолетни. Кај 15 лица имало до 1 грам промил, кај 11 до 1,5 грам промили, кај 9 до 2 грам промили и кај 2 лица над 2 грам промили, односно 2,05 и 2,29.
Станков рече дека се направени испитувања и за присуство на лекови и на дроги.
– Кај едно лице се најдени седативи и аналгин, кај едно само седативи, а кај двајца антидепресиви, кои не може да се купат без рецепт. Од психоактивни дроги кај 6 лица е е пронајден кокаин, кај едно лице кокаин и амфетамин и кај едно лице канабис – рече сведокот.
Тој објасни и дека труењето со јаглероден моноксид има специфични и неспецифични индикации. Надворешно, тоа се светло црвени дамки и крварење под кожата, а во внатрешните наоди покажуваат течна и светла крв и розово пребројување на внатрешните органи. Цијановодородот, според вештакот, дава слична, но не иста слика. Има светло црвени дамки и розеникаво пребројување на органите, но нема црвеникаво пребројување на мускулите и тоа е клучната разлика.
– Кај сите кај што е утврдена причина за смрт од насилно труење со јаглероден моноксид имаше карактеристична слика за труење со јаглероден моноксид, дури и кај останатите немаше типична слика за цијановодородно труење – рече Станков.
Сведокот додаде и дека компресивна асфикција најчесто има при стампеда, кога најчесто се јавува притисок на стомакот и градниот кош или комбинирано притисок на стомак, граден кош и на врат.
Амбиенталната асфикција означува задушување поради намалување на нормалниот процент на кислород во воздухот.
Сведокот рече и дека изгорениците на дишните патишта претставуваат значаен фактор за настапување на смртта на лица при пожар во затворен проатор. Воздухот во тие простори се загрева на многу висока температура и доаѓа до изгореници на слузницата на носот, гркланот и на дишните патишта.
Врз основа на обдукцијата и делјството на топлиот воздух и гарежот од чад, според вештакот, давањето кислородна поддршка не би дало резултат, со оглед дека повеќето се донесени во болница веќе починати.
Пожарот во дискотеката „Пулс“ во Кочани избувна на 16 март 2025 година за време на настап на групата ДНК. Загинаа 63 лица, а повредени беа 222.
ОhridSky е ваш доверлив извор за сеопфатно и избалансирано покривање на вестите. Со посветеност на интегритет и точност, обезбедуваме длабинско известување кое ги открива приказните што се најважни.
© 2025 OhridSky. Сите права задржани.
Please login or subscribe to continue.
No account? Register | Lost password
✖✖
Are you sure you want to cancel your subscription? You will lose your Premium access and stored playlists.
✖
