Ќе има нови мерки за нафтената криза, најави премиерот Христијан Мицкоски.
Тој посочи дека Владата се бори напорно за подобар живот на граѓаните, но во исто време се бори и со хаосот и долговите кои се наследени од претходната влада.
Во врска со тоа како оваа влада и претходната се справувале со кризите рече дека двете кризи, и оваа сега и таа во 2022 година, почнаа во ист месец, но тогаш инфлацијата била над 10%, а сега е 4,5%-4,9%.
– Второ излезе Меѓународниот монетарен фонд и јасно кажа дека ние како држава сме трета во Европа според мерките коишто ги применивме визави процентот од бруто домашниот производ. Тешко се живее, точно, никој не вели дека се живее лесно, тешко се живее и во Германија, еве сега се враќам од Австрија, тешко се живее и во Австрија, таму пак, литар бензин и дизел се над 2 евра, па сега морале да ослободат околу 50.000 барели од државните резерви за да може да амортизираат цена, секаде тешко се живее. И тогаш стандардот во Германија, Франција, Италија, Австрија бил поголем од тој што бил во Македонија, но прашањето е дали таа разлика се намалила, а ако ја мерите тогаш и сега, двојно се намалила – рече премиерот Мицкоски во гостување на Сител.
Во врска со споредбите за тоа колку гориво може да се купи со платите во тие држави и во земјава, премиерот посочи дека таа разлика споредено со времето на претходната влада драматично е намалена, а не е зголемена и тоа е успехот во мерките и во политиките на оваа влада.
– Инаку, Германија, Франција, Италија, Австрија, Унгарија, Словенија имаат повисок стандард од Македонија, но тоа е децениска политика, можеби вековна. Ако некој очекувал дека ние за 2 години ќе вратиме годишно по 2,5 милијарди евра долгови на претходната влада, дека ќе враќаме солидарен данок кој е неуставно земен, ќе ги почитуваме сите колективни договори…, и еве вчера излезе Државниот завод за статистика дека нето платата е за 7,5% поголема, дека ќе успееме да ја намалиме буџетската дупка, дефицитот од 4,5 на 3,5%, дека 6 квартали ќе имаме 3,5% раст на БДП – вели премиерот Мицкоски.
Тој се осврна и на критиките, при што посочи дека критиката е позитивна и ги слуша граѓаните, бидејќи тие имаат право да критикуваат и треба да критикуваат затоа што се навикнати на политичари неработници, луѓе коишто се обременети со криминал и со корупција и е свесен дека немаат трпение, а власта е таа која треба да има трпение и да работи.
– Ќе има дополнителни мерки, иако ние досега прилично многу го изложивме буџетот и ќе треба да видиме, бидејќи еве, втор месец завршува од кризата која е историски најголема според Светската енергетска агенција, оваа криза е поголема од онаа во 2022 година и двете кризи во седумдесеттите години заедно, а ние сме таму каде што сме и сега сметајте да имате по 30, 40 или 60% по литар поевтино гориво од соседите. Тоа е успех, дали е доволно, не е доволно, дали тешко се живее, да, но ќе се бориме да биде подобро – нагласи премиерот Мицкоски.



