ЕСМ се во голема инвестициска офанзива со која треба да се изградат капацитети кои би ја обезбедиле базната енергија, вели директорот на ЕСМ Лазо Узунчев
Во интервју за емисијата „360 степени“ на МРТ 1 тој објаснува дека е планирана изградба на гасни електрани во Битола – со капацитет од 250-300 мегавати и во Неготино – со капацитет од 350 до 450 мегавати, што според него, е сосема доволно како базна енергија во иднина, а проектот „Чебрен и Галиште“ ќе не направи независни од енергија на подолг период.
Од проектите кои се реализираат ја споменува втората фаза од ветерниот парк во Богданци.
-Тоа се нови 13,6 мегавати производствен капацитет што треба да биде на мрежа во втората половина на 2027 година. Таму следува трета фаза од нови 50 мегавати кои би ги имале до крајот на 2029 година. Тоа е во делот на ветерниот парк во Богданци. Пред склучување сме на договор со изведувачот што треба да ги гради новите фотонапонски електрани во Битола и во Кичево. Значи, станува збор за ‘Битола 1’ со капацитет од 20 мегавати и Кичево, односно ‘Осломеј 2’ со капацитет од десет мегавати. Оперативни ќе ги имаме кон крајот на 2027 година – вели Узунчев.
Според него, до 2030 година треба да биде завршена и комбинираната централа Битола 1, која во комбиниран циклус ќе произведува и електрична и топлинска енергија за потребите на централното греење во градот Битола и би го покрила производството на два блока од РЕК Битола.
– Се работи за капацитет помеѓу 250 и 300 мегавати, во зависност од податоците што ќе ги исфрли физибилити студијата. Веќе добивме грант од 2,4 милиони долари од Светска банка кои ќе го искористиме за изработка на физибилити студијата, за избор на консултант и целокупната проектна документација поврзана со овој проект – рече Узунчев.
За ТЕЦ Неготино вели дека во план е таа да стане гасна електрана.
-Таа во комбиниран циклус ќе ја задвижува и парната турбина на ТЕЦ „Неготино“ и она што во моментов го имаме како ладна резерва на мазут да го трансформираме во целосен производствен капацитет на гас. Во зависност од очекуваните податоци што треба да ги исфрли физибилити студијата, очекуваме да биде помеѓу 350 и 450 мегавати. Изградбата на електраните во Битола и Неготино би била доволна моќност за земјава во делот на базната енергија – вели Узунчев.
Директорот на ЕСМ вели дека се работи и на проектот „Чебрен и Галиште“.
-Оваа влада е на линија да се даде апсолутен приоритет на овој проект кој може да ни ги задоволи потребите од производство на електрична енергија за идните генерации. Она што мене најмногу ме радува е што веќе сме во поодмината фаза од иницијалното договарање во врска со тој проект и јас очекувам дека веќе во наредниот период точно ќе се знае на кој начин ќе биде изграден овој мегапроект – вели тој.
Узунчев, сепак наведува дека до реализацијата на двете гасни комбинирани централи, мора да останат во погон РЕК Битола и ТЕЦ Осломеј и затоа ќе се бара пролонгирање на рокот за нивно затворње кој сега е до крајот на 2030 година.
Но, вели тој, ЕСМ и понатаму ќе може да го користи производството на електрична енергија од термоблоковите во Битола.
-Оној момент кога ќе добиеме сигнал дека треба да го намалуваме производството и во одреден момент да го згаснеме, ние целосно ќе ги ремонтираме и ќе ги конзервираме за да бидат ладна резерва- вели тој, потсетувајќи на примерот со Германија.
ОhridSky е ваш доверлив извор за сеопфатно и избалансирано покривање на вестите. Со посветеност на интегритет и точност, обезбедуваме длабинско известување кое ги открива приказните што се најважни.
© 2025 OhridSky. Сите права задржани.
Please login or subscribe to continue.
No account? Register | Lost password
✖✖
Are you sure you want to cancel your subscription? You will lose your Premium access and stored playlists.
✖
