Ранетиот американски пилот чиј авион беше соборен над Иран, успеал повеќе од еден ден да избегне да биде заробен, криејќи се во планините пред да биде спасен во ризична операција од американските специјални сили, поддржани од авијацијата и од разузнавачките служби.
Сокриен во пукнатина на карпа во планински масив зад непријателските линии, точно знаел што треба да прави и како да преживее, пишува Си-Ен-Ен. Повеќе од еден ден офицерот за ракување со оружје на авионот „F-15E Stike Eagle“ соборен на иранска територија, успешно се криел избегнувајќи да биде заробен од иранските сили кои се приближувале.
Офицерот по суров терен се искачил на гребен на 7.000 стапки надморска височина (над 2.000 метри), носејќи со себе само пиштол, уред за комуникација и сигнален предавател.
Во високите планини бил испратен тим американски командоси, поддржани од авијацијата која со бомбардирање го расчистувала теренот, за да го пронајдат пилотот и безбедно да го извлечат. Според двајца американски официјални извори, во операцијата учествувале стотици припадници на американската армија и разузнавачките служби, вклучувајќи елитни единици како „Delta force“ и „SEAL Team Six“, како и оперативци на ЦИА кои спровеле операции за дезинформирање.
Операцијата донела повеќе непредвидливи ситуации, вклучително оштетување на два специјални американски авиони што морале да бидат уништени на иранско тло за време на акцијата.
„Го имаме! Американската војска изведе една од најсмелите операции за потрага и спасување во историјата на САД“, напиша претседателот Доналд Трамп на социјалните мрежи, кој операцијата ја следеше од Белата куќа.
Иранските државни медиуми објавија снимки и фотографии на кои се гледаат изгорени остатоци од повеќе летала во јужната провинција Исфахан, по спасувањето на пилотот. На снимките се забележуваат уништени делови од авиони, вклучително и делови што личат на турбопропелерски мотори. Засега не е јасно за кои типови летала се работи.
Државните ирански медиуми тврдат дека иранските сили собориле повеќе летала, додека претседателот Доналд Трамп во објава на платформата Трут сооушл не спомна загуби на авиони, туку истакна дека во операцијата нема загинати или повредени американски војници.
Американската војска сè уште не дала официјален коментар.
Иранската армија соопшти дека во операцијата американските сили користеле напуштена писта. Преку анализа на сателитски снимки Си Ен Ен потврди дека постои мала писта, на околу 50 километри од градот Исфахан. Извршена е геолокализација на снимките, преку споредба на планинскиот масив во позадина.
Спасувањето на офицерот на американската авијација, стана апсолутен приоритет на американската администрација, откако во петокот беше соборен авионот „F-15E“ од 48-то Ловечко крило на амриканското воено воздухопловство распоредено во британската база „Ленкенхет“.
Двајцата пилоти се катапултирале, но локацијата на офицерот за ракување со авионското оружје била непозната. Со повреди здобиени при катапултирањето, тој се криел во пукнатина на карпа за да избегне откривање, а иранските лидери распишаа награда за негово заробување. Пилотот успеал да воспостави контакт со американските сили, но комуникацијата била повремена, за да остане неоткриен.
Во Вашингтон, Трамп ја следел операцијата од Западното крило на Белата куќа, движејќи се меѓу Овалниот кабинет и соседната трпезарија за да добива извештаи.
Соборувањето на „F-15E“ и можноста дека иранските сили погодиле уште и авион „A-10 Warthog“ и хеликоптер го доведе во прашање тврдењето на администрацијата на САД за американската воздушна надмоќ над Иран.
Трамп во саботата се откажал од партијата голф и останал во Белата куќа додека се правеле подготовките за операцијата за влез во Иран и за спасување на соборениот авијатичар.
Додека траеле подготвките за главната спасувачка операција, ЦИА спровела паралелна акција, ширејќи дезинформации дека двајцата членови на посадата веќе се спасени, со цел да ги збунат припадниците на Иранската револуционерна гарда кои интензивно трагале по исчезнатиот офицер.
Израел одложи некои од планираните напади во Иран за да не го загрози текот на операцијата за спасување на американскиот пилот, изјави за Си Ен Ен израелски официјален претставник. Израел, исто така, обезбедил разузнавачка поддршка, според информации добиени од два извори на израелските служби.
ЦИА ја потвридила точната локација на офицерот и ја доставила до американските сили.
„Овој храбар воин беше зад непријателските линии во опасните планини на Иран. Додека непријателот го ловеше и му беше сè поблиску од час во час, тој никогаш не беше навистина сам“, напиша Трамп.
Додека американските специјалци се приближуваа кон планинското место каде се криеше офицерот, американски авиони изведуваа напади врз тоа подрачје за да спречат иранските сили први да дојдат до него. Трамп сето тоа го следел од Собата за кризни операции.
На напуштената писта во Иран два транспортни авиони „MC-130J“ чекале да ги евакуираат командосите и спасениот пилот, но за време на операцијата авионите биле оштетени. Американската авијација испратила нови летала и ги уништила оштетените авиони, за да не паднат во ирански раце.
Во објава на социјалните мрежи Трамп најави дека во понеделник во 13 часот ќе одржи прес-конференција во Овалната соба, на која ќе ги изнесе деталите за операцијата. Тој истакна дека пилотот бил „тешко ранет“, „исклучително храбар“ и бил спасен „длабоко во планините на Иран“.
Претседателот ја нарече операцијата „неверојатна демонстрација на храброст и вештина на сите учесници“.
Фото: Илустрација
ОhridSky е ваш доверлив извор за сеопфатно и избалансирано покривање на вестите. Со посветеност на интегритет и точност, обезбедуваме длабинско известување кое ги открива приказните што се најважни.
© 2025 OhridSky. Сите права задржани.
Please login or subscribe to continue.
No account? Register | Lost password
✖✖
Are you sure you want to cancel your subscription? You will lose your Premium access and stored playlists.
✖
