Државниот јавен обвинител Ненад Савески најави дека од утре ќе ги повлече сите дадени овластувања за постапување меѓу обвинителствата, со исклучок на Кочани, Крива Паланка и Ресен, каде поради недостиг на обвинители тие ќе останат активни.
Тој истакна дека сите обвинители ќе бидат третирани еднакво, без фаворизирање, а предметот за Кочани ќе има посебен институционален третман поради неговата комплексност.
Одговарајќи на прашања за одлуките на Совет на јавни обвинители и промените во составот на обвинителите во сензитивни предмети, Савески оцени дека персоналното врзување на обвинители со конкретни случаи е погрешна пракса.
– Јавниот обвинител е менлива категорија. Предметот мора да има континуитет независно од тоа дали обвинителот е реизбран или не – рече Савески, додавајќи дека секој обвинител има обврска да презема и веќе активни предмети.
Говорејќи за предметите што ги водеше обвинителката Ивана Трајчева поврзани со трагедијата во Кочани, тој посочи дека не смее да се создава впечаток дека само еден обвинител може да обезбеди квалитетно постапување.
– Ивана е извонреден обвинител. Мојата почит кон нејзината работа е позната. Но обвинителството не смее да зависи од едно лице – нагласи Савески.
Во однос на иницијативата на обвинителката Ленче Ристоска, која тврдеше дека врз нејзината професионална самостојност се вршат притисоци, Савески изјави дека таа е единствена досега што побарала заштита на интегритетот.
– Интегритетот обвинителот си го штити самиот со своето постапување. Но во законот постои механизам и тоа е легитимно право. Советот го разгледа и формира мислење – рече Савески.
Тој увери дека нема да има одложувања во сензитивните случаи и дека обвинителите кои ги преземаат предметите ќе бидат подготвени да го продолжат постапувањето. Како пример посочи дека и претходно обвинители успешно преземале комплексни предмети во напредна фаза.
Савески најави и уредување на системот на овластувања, посочувајќи дека затекнал „хаотична состојба“ без единствена евиденција. Сите овластувања ќе бидат повлечени и повторно разгледани, освен во обвинителствата со недостиг на кадар.
– Ниту еден предмет нема да биде оставен без застапување. Ќе има обвинител за секој случај – истакна Савески.
Тој потенцираше дека обвинителството не постапува по политички повици, туку согласно законските процедури, и најави дигитализација на процесите со цел оценување на обвинителите врз основа на мерливи параметри. Додаде дека соработката со Државниот завод за ревизија продолжува и дека секој ревизорски извештај со индиции за кривично дело ќе биде разгледан.
ОhridSky е ваш доверлив извор за сеопфатно и избалансирано покривање на вестите. Со посветеност на интегритет и точност, обезбедуваме длабинско известување кое ги открива приказните што се најважни.
© 2025 OhridSky. Сите права задржани.
Please login or subscribe to continue.
No account? Register | Lost password
✖✖
Are you sure you want to cancel your subscription? You will lose your Premium access and stored playlists.
✖
