По дијагнозата, неговото здравје брзо се влошило. Набрзо го изгубил целиот вид на левото око, а за време на третманот, бил подложен на исцрпувачки циклуси на хемотерапија и зрачење. Поголемиот дел од времето го поминал во болници борејќи се со силна болка, особено во грбот.
Покрај сето ова, Дуонг се соочил и со дополнителни предизвици, вклучувајќи тешкотии при добивање здравствено осигурување како член на синдикатот на актери SAG-AFTRA.
Како што болеста напредувала, туморите се прошириле и на неговиот мозок, што довело до епилептични напади. Тој бил повторно хоспитализиран во средината на март поради влошување на состојбата, при што туморите во ‘рбетот веќе сериозно влијаеле на неговото тело. Во текот на овој тежок период, неговата сопруга Кристина продолжила да работи со полно работно време, а воедно се грижела и за него и за нивната ќерка.
– Емоционалниот и физичкиот товар од сето тоа беше огромен – пишува Стил во ажурирањето, истакнувајќи колку семејството поминува низ незамислив период, додавајќи дека неговата ќерка Еверест останала извор на сила и светлина во нивните животи.
– Децата имаат начин да нè потсетат да продолжиме, дури и во најтешките времиња.
За Дуонг почнала и кампања GoFundMe за да помогне во покривањето на трошоците за комеморација и да обезбеди финансиска поддршка за неговото семејство, особено за образованието и иднината на неговата ќерка.
Тој глумел во 40 актерски проекти во текот на својот живот, а најпознат е како криминалецот Сони Лео во три епизоди од полициската серија „Blue Bloods“.