Европскиот пат е закочен, Владата ја турка земјата во изолација
Европскиот пат е закочен, Владата ја турка земјата во изолација.

Оваа влада на ВМРО и на Мицкоски свесно сака да ја држи Македонија изолирана од евроинтеграциските процеси, затоа што веројатно членството во ЕУ не оди на линија на начинот на владење кој што сака да го демонстрираат и на начинот на кој што ги користат јавните ресурси, нагласи заменик претседателката на СДСМ, Фани Каранфилова Пановска, во интервју на Македонската радио-телевизија.
Каранфилова Пановска предупреди дека државата на тема евроинтеграции веќе подолг период се наоѓа во ќорсокак, а владата на ВМРО не исполни ништо од тоа што го ветуваше во предизборната кампања.
„Веќе две години оваа власт која што дојде со ветувања дека ќе обезбеди подобра преговарачка позиција, ќе обезбеди гаранции, ќе ги преименува или ќе ги раскине договорите со соседите, не прави апсолутно ништо друго, освен што ги влошува намерно добрососедските односи и со Грција и со Бугарија и не прави ништо да ги спроведува реформите дома, за што доаѓаат веќе забелешки во официјални извештаи и на Европската комисија и на Европскиот парламент. Уште помалку прави нешто за да го консолидира граѓанството и политичките фактори за да може да се пристапи кон она што е очекување и барање од актуелната преговарачка рамка, а тоа се уставните измени“, рече Каранфилова Пановска.