Во рамки на Глобалната недела на парите (Global Money Week), Македонско кредитно биро потсетува дека сигурноста во финансиите не е прашање на чувство, туку на факти и навремени информации. Во услови кога и најмал пропуст може да влијае врз важни животни и деловни одлуки, пристапот до точни податоци станува неопходност.
Разговаравме со г-дин Тони Трајанов, главен извршен директор на Македонско кредитно биро за тоа зошто е важно граѓаните и компаниите да имаат увид во својата финансиска состојба и како информациите, но и едукацијата, помагаат при донесување правилни одлуки.
Каква е улогата на Македонското кредитно биро во финансискиот систем?
– Македонско кредитно биро има клучна улога во обезбедување транспарентност и доверба во финансискиот систем. Иако често постои перцепција дека институцијата е поврзана со одобрување кредити, нејзината вистинска функција е да обезбеди точни, проверени и навремени податоци за финансиската изложеност и кредитната историја на физичките и на правните лица.
Овие податоци стојат зад многу одлуки што ги носат банките, финансиските друштва и институциите, но сè повеќе и самите граѓани и компании. Нашата улога е да обезбедиме сигурна основа врз која се градат финансиските одлуки, со што се намалуваат ризиците и се зајакнува довербата во деловните односи.
Kолку е важно граѓаните да имаат увид во својата задолженост?
– Во пракса, често се случува граѓаните да не бидат целосно свесни за својата финансиска состојба. Понекогаш станува збор за заостаната обврска или долг што не бил навреме забележан, но кој може да има сериозни последици, како на пример да доведе до тоа кредитното барање да биде одбиено. Ова е особено важно при носење на поголеми финансиски одлуки, како што се купување недвижност. Едноставно кажано – подобро е да знаете однапред, отколку да бидете изненадени во клучен момент.
Преку услугата „Сопствен извештај“, секој граѓанин може да добие јасна слика за тоа дали има активни долгови, колкава е неговата задолженост и каков е неговиот кредитен статус.
Како информациите од Македонското кредитно биро им помагаат на компаниите?
– Во деловниот свет, информацијата често е разликата помеѓу успешна соработка и финансиска загуба. Компаниите не секогаш имаат целосна слика за своите потенцијални партнери, а ризиците можат да бидат скриени.
Преку порталот МОЈ.МКБ, компаниите добиваат увид во реалната финансиска состојба на своите сегашни и потенцијални партнери – дали имаат блокирани сметки, каква е нивната задолженост, какви се нивните финансиски резултати и каков е нивниот правен статус.
Дополнително, услугите како мониторинг на компании и алармниот систем (АСИС) овозможуваат континуирано следење на промените и навремено реагирање. Тоа значи дека корисниците не само што добиваат увид во моменталната состојба, туку можат и проактивно да управуваат со ризиците.
Ова овозможува да се избегнат ризици како неплатени фактури или неуспешни договори и им помага на компаниите да носат одлуки врз основа на факти, а не на претпоставки.
Каква е врската помеѓу финансиската писменост и информациите што ги обезбедува Македонско кредитно биро и кој е вашиот совет за време на Глобалната недела на парите?
– Според последното истражување спроведено од ОЕЦД-ИНФЕ, финансиската писменост во Македонија е на ниво од 56% од максималната вредност. Што значи дека на граѓаните, во просек, им недостига уште половина знаење и умеење практично да го применат, за да бидат целосно финансиски писмени.
Финансиска писменост подразбира способност на поединецот да ги разбере и ефикасно да ги користи финансиските информации и алатки со цел да донесува информирани и одговорни одлуки за управување со личните или деловните финансии.
Токму затоа, Македонско кредитно биро сè повеќе се фокусира и на едукација, особено кај младите. Во таа насока, беа потпишани меморандуми за соработка со Економскиот факултет во Скопје при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“, Универзитетот „Американ Колеџ“ Скопје и Американскиот Универзитет на Европа – ФОН, со цел пренесување практични знаења и искуства.
Преку предавања, работилници и панел-дискусии, студентите ќе имаат можност да се запознаат со реални финансиски предизвици, но и со конкретни решенија и алатки кои можат да им помогнат да избегнат презадолжување и да постигнат финансиска стабилност. Дополнително, вакви едукативни активности се планираат и за други факултети и средни училишта, што покажува дека финансиската писменост треба да започне уште од рана возраст.
Нашиот совет е јасен: едуцирајте се и редовно информирајте се за вашата финансиска состојба. Една навремена проверка може да спречи сериозен проблем и да ви помогне да донесете сигурна одлука.
Сигурноста не е само чувство – таа се гради со факти.
Во време кога финансиските одлуки имаат директно влијание врз личната и деловната стабилност, едукацијата и информираноста стануваат клучни фактори за доверба и сигурност. Глобалната недела на парите е потсетник дека финансиската писменост започнува со разбирање на сопствените финансии, но и со континуирано учење.
– Кога граѓаните и компаниите имаат пристап до релевантни финансиски податоци, тие можат да донесуваат поодговорни и поодржливи одлуки. Токму затоа е важно редовно да се проверуваат финансиските информации и да се има јасна слика за финансиската состојба – истакнува г-дин Трајанов.
Преку своите активности – од обезбедување податоци до едукација – Македонско кредитно биро продолжува да ја гради културата на информирано и одговорно финансиско однесување во општеството.
ОhridSky е ваш доверлив извор за сеопфатно и избалансирано покривање на вестите. Со посветеност на интегритет и точност, обезбедуваме длабинско известување кое ги открива приказните што се најважни.
© 2025 OhridSky. Сите права задржани.
Please login or subscribe to continue.
No account? Register | Lost password
✖✖
Are you sure you want to cancel your subscription? You will lose your Premium access and stored playlists.
✖
