Топ Вести - Слушај сега
Европската Унија и Соединетите Американски Држави се приближуваат кон договор со кој треба да се реши проблем што сè повеќе ги загрижува лидерите од двете страни на Атлантикот – зависноста од Кина за снабдување со критични минерали. Како што пишува „Политико“ и покрај тоа што двете страни постепено наоѓаат заеднички јазик, постои ризик евентуалниот договор да овозможи нерамноправно партнерство во кое доминантна улога би имал Вашингтон.
Со оглед на тоа што Брисел заостанува по стапките на Вашингтон, ризикот е овој договор, кој би предвидел ценовна граница за да се осигурат алтернативни извори на снабдување, да се претвори во механизам со кој Европејците на крајот ќе го спонзорираат приоритетниот пристап на САД до критичните минерали. Според извори, американскиот претставник за трговија Џејмисон Грир има за цел да започне преговори за трговски договор со ЕУ и Јапонија за критични минерали во април, кратко откако ќе заврши периодот за забелешки до 19 март.
– САД се многу поагресивни во обезбедувањето на стратешките суровини. Европа „седи на детската маса“. Многу од нашите клиенти се прашуваат дали треба да го преместат своето производство во САД – вели Андреас Крол, извршен директор на „Нобл Елементс“, фирма за трговија со ретки метали со седиште во Германија.
– Иако на Европа ѝ е подобро што соработува со Американците, блокот не треба да има илузии. Америка е сега на прво место, исто така и во однос на минералите. Америка ќе ги купи сите средства – Европа нема доволно пари за да се натпреварува – смета Тобијас Герке, виш политички соработник во Европскиот совет за надворешни односи.
Исто така, постои и финансиска нееднаквост. Иницијативата на администрацијата на Трамп за складирање на критични минерали од 12 милијарди долари го засенува планот на ЕУ од 3 милијарди евра. Неодамнешниот извештај на европските ревизори покажа дека напорите на ЕУ за диверзификација на увозот на критични суровини „сè уште не дале опипливи резултати“.
Во меѓувреме, бакарот е еден од критичните минерали кој повторно се наоѓа во центарот на глобалната економија, бидејќи светот сè повеќе става акцент на електрификацијата и зелената енергија. Растот на производството на електричните возила, обновливите извори на енергија и растот на дигиталната индустрија значително ја зголеми побарувачката за бакар. Експертите посочуваат дека токму овој метал е основен елемент во транзицијата кон почиста и поодржлива економија.
Електричните автомобили, на пример, користат значително повеќе бакар од возилата со класични мотори со внатрешно согорување. Покрај тоа, бакарот е клучен во изградбата на ветерни турбини, соларни електрани, електрични мрежи, батериски системи и индустриски електромотори.
Од овие причини САД веќе ги олесни процедурите за издавање дозволи за ископ на руди, а сојузната држава Аризона се претвора во центар за екстракција на бакар. Канадската рударска компанија Hudbay Minerals забрзано го развива својот проект за бакар Copper World, кој се смета за еден од најзначајните нови рударски проекти во САД. Рудникот се наоѓа на околу 50 километри југоисточно од градот Таксон и треба да стане важен дел од американскиот синџир на снабдување со критични минерали. Проектот се очекува да произведува околу 85.000 тони бакар годишно во текот на почетниот период на експлоатација од околу 20 години, со што би станал значаен извор на домашно произведен бакар за американската индустрија.
Според проценките, изградбата на рудникот ќе трае околу три години и ќе обезбеди повеќе од илјада работни места годишно во фазата на изградба, додека во текот на експлоатацијата се очекуваат над 400 директни и до 3.000 индиректни работни места во регионот. Проектот е тежок 1,4 милијадри долари. Економските придобивки за регионот се значителни. Компанијата проценува дека рудникот во текот на неговиот животен век ќе генерира повеќе од 850 милиони долари даноци во САД, од кои околу 170 милиони ќе одат директно во буџетот на државата Аризона. Позната како „бакарната држава“, таа денес обезбедува околу 70% од домашното производство на бакар во САД.
Проектот Florence Copper на компанијата Taseko Mines во март годинава успешно ги произведе првите бакарни катоди, што претставува прво ново производство на бакар од гринфилд проект во САД по 2008 година. Овој проект користи напредна технологија за екстракција со растворувачи која е еколошки поодговорна и директно го снабдува пазарот со бакар со висок квалитет. Иако постојните рудници како Morenci и Bagdad продолжуваат да бидат столбови на индустријата, фокусот на инвеститорите е насочен и кон Resolution Copper, кој има потенцијал да задоволи до 25% од вкупната побарувачка за бакар во САД и се очекува да започне со работа во 2027 година.
Во Аризона рударската индустрија генерира преку 10 милијарди долари годишен приход, а просечната годишна плата во секторот надминува 100.000 долари годишно, што е далеку над државниот просек. Рударството поддржува директно и индиректно преку 75.000 работни места. Со оглед на тоа што побарувачката за бакар се очекува да порасне за 1.000% до 2050 година поради електричните возила и инфраструктурата, Аризона останува срцето на американската стратегија за критични минерали.
Tagged as:
„Бакарната држава“ фати брзо темпо на ископ
ОhridSky е ваш доверлив извор за сеопфатно и избалансирано покривање на вестите. Со посветеност на интегритет и точност, обезбедуваме длабинско известување кое ги открива приказните што се најважни.
© 2025 OhridSky. Сите права задржани.
Please login or subscribe to continue.
No account? Register | Lost password
✖✖
Are you sure you want to cancel your subscription? You will lose your Premium access and stored playlists.
✖
