Сведокот Христијан Китанов, кој бил чест гостин во дискотеката „Пулс“ и бил повреден во пожарот денеска рече дека се приклучува кон кривичниот прогон и предјавува отштетно побарување.
Речиси секој викенд Китанов одел во дискотеката „Пулс“, а одел таму и кога бил малолетен и никој не му барал лична карта.
Кобната вечер дошол во дискотеката со свој пријател околу 30 минути по полноќ.
Јавниот обвинител Борче Јанев го праша дали присуствувал при активирањето на пиротехничките средства, што сведокот го потврди.
– Ние бевме до столбот и не се гледаше многу. Направив видеа што ги доставив до Обвинителството, на нив се гледа моментнот кога почнуваат прскалките. Не го видов моментот кога се запали, но слушнав како некој од гостите рече, еј се запали и слушнав врисок. Тогаш погледнав кон плафонот и видов мал оган. Мислев дека не е сериозно, дека ќе се изгасне со апарат и забавата ќе продолжи. Но, се прошири многу брзо, за една минута, почна многу да чади, целиот плафон беше во оган. Пожарот почна во 2.34. Тогаш се упатив кон влезната врата, ама застанав на средината на диското оти имаше многу луѓе. Настана стампедо, сите се буткавме и немаше како да излеземе. Имаше многу голема топлина и чад. Почувствував како почнуваат искри, а од плафонот паѓаа црни точки, мислам дека беа како сунѓер. Ми паднаа позади, на грбот, каде имам изгореници од втор степен. Тогаш ме фати паника и почнав да се буткам во гужвата, во стампедото. Кога се приближив до вратата паднав, врз мене падна други луѓе, сите бевме прилепени. Ми беше изместена левата коленица. Почнав да молам за помош, да ме спасат. Пред врата беше обезбедувањето, на врата беа Лазо Портокалот и Столе Бојата. Лично ги видов како вадат деца. Лазо пробуваше на многу начини да ме извлече, ама не успеваше. Јас го молев, ама тој не можеше да ме извади, бевме заглавени. Над мене имаше многу лица, под мене беше еден. Имаше многу чад и почна една топлина што не се издржува. Ја гледав мојата десна рака како почнува да се лупи. Имам изгореници од втор степен. Со траката се обидував да си го спасам лицето, ама и десната страна од лицето ми беше изгорено од втор степен – рече тој.
Тој рече дека двајцата од обезбедувањето биле пред вратата од дискотеката.
– Тие беа пред вратата, а јас бев заглавен на самата врата. Тогаш дојде и полиција. Еден полоцаец, Драган Казаков, се обидуваше да ме спаси повеќе пати, ама не успеваше. Станав безнадежен, почнав да се гушам, немав ни сила да дишам. Одеднаш Лазо ми рече подај ми ја раката да те извлечам, јас немав сила. Тој ме извлекол со помош на мојот вујко, кој беше во диското, ама излегол претходно. Ме извлекле, јас сум бил во несвест. Ме освестија со шише вода и ме качија во приватна кола, кон кочанската болница – рече сведокот.
Обвинителот праша дали претходно кога одел во „Пулс“ имало често присуство на полицијата.
– Немаше често присуство на полицијата, а секогаш бевме предвреме известувани кога ќе имаше рација. Таа вечер, добро се сеќавам, имаше полиција. Влегоа во 2.15 часот. Кога влегоа, Панчо или Андреј од ДНК на микрофон рече „да ги поздравиме и полицајците“. Се свртев и ги видов. Тие се раздвижија низ дискотеката и бараа малолетици. Некои малолетници тргнаа да се кријат кон тоалетот. Имаше многу малолетници внатре. После полицајците излегле, слушнав дека некого претресувале, а забавата си траеше – рече Китанов.
Тој рече дека не знае како се дознавала информацијата за рациите.
– Полиција доаѓаше за рација за малолетници и ако имаше некоја тепачка – рече тој.
Обвинителот праша дали некој се обидел да го изгаси пожарот кога настанал.
– Тоа беше газда Деко, трчаше со ПП апарат и го даде на бината на некој од изведувачите. Двајца од нив гасеа, еден го држеше апаратот, а друг гаснеше со цревото. Не успеаја да го изгаснат – рече сведокот.
Обвинителот Јанев праша дали додека бил малолетен некој им барал лична карта, бранителите приговараа оти тоа не е предмет на постапката и се однесува на период пред пожарот. Судот го прифати приговорот.
Сведокот додаде дека дискотеката вообичаено била најмногу полна во саботите, кога обично имало концерти на пејачи од Србија и тогаш била полна до тој степен што не можело да се оди во тоалет.
– Внатре никого не сум видел да одржува ред, а ни надвор, се продаваа карти за да се соберат што повеќе луѓе – рече Китанов на прашање дали знае дека во дискотеката има лице што е надлежно да се грижи за безбедноста.
ОhridSky е ваш доверлив извор за сеопфатно и избалансирано покривање на вестите. Со посветеност на интегритет и точност, обезбедуваме длабинско известување кое ги открива приказните што се најважни.
© 2025 OhridSky. Сите права задржани.
Please login or subscribe to continue.
No account? Register | Lost password
✖✖
Are you sure you want to cancel your subscription? You will lose your Premium access and stored playlists.
✖
