Во својата книга актерката ја открива и суровата реалност на животот со мултиплекс склероза (МС) – хронична автоимуна болест која ѝ беше дијагностицирана во јуни 2021 година, кога имаше 49 години.
Добитничката на „Еми“ признава дека болеста ѝ го променила животот од темел.
Мултиплекс склерозата го напаѓа миелинот – заштитната обвивка околу нервните влакна – предизвикува воспаленија и нарушување на сигналите меѓу мозокот и телото. Болеста може да напредува со години, со симптоми што се појавуваат и исчезнуваат, но со тек на време стануваат сè потешки.
Аплгејт опишува дека денес болката е далеку поинтензивна отколку на почетокот.
– Тогаш повеќе беше чувство дека немам сила. Сега често е неподнослива агонија – пишува таа.
Утрото за неа е вистински предизвик. Понекогаш не може ни раката да ја помрдне доволно за да го дофати телефонот или чашата вода покрај креветот. Нозете ѝ се вкочанети, а кога ќе ги спушти на подот, има чувство како да гази по игли – иако истовремено и не ги чувствува поради вкочанетоста.
– Колената ми се како да ми се врзани тули – тешки и болни – пишува таа, додавајќи дека кожата ѝ гори како да е изгорена. Дури и во „добар ден“, болката ѝ е на ниво осум од десет.
Заморот е постојан. „Како да сум три дена без сон, дури и по добра ноќ“, признава таа.
Првите знаци ги игнорирала – треперење на прстите, вкочанетост. По низа тестови, дијагнозата ја добила преку повик на Зум, кога лекарот ѝ покажал снимка од мозокот со 30 лезии.
Во тоа време ја снимала последната сезона од серијата Dead to Me. На почетокот се обидувала да издржи, но имало денови кога телото едноставно одбивало да соработува.
МС ѝ донела и понижувачки моменти за кои ретко кој зборува гласно – како носењето пелени за возрасни поради инконтиненција.
– Пелените се многу МС-шик. Барем сега прават и црни – се шегува таа во книгата, обидувајќи се со црн хумор да ја ублажи суровоста на секојдневието.
Таа дури се шегува дека би лансирала линија пелени со актерката Џејми-Лин Сиглер, ѕвездата од The Sopranos, која исто така боледува од МС. Натписот на секоја пелена би гласел: „F—K THIS“.
Еплгејт и Сиглер се домаќинки на подкастот MeSsy.



