Background

Се огласи Трамп, ситуацијата во Мексико се смирува, војската е на улица, загинаа над 50 луѓе

Топ Вести - Слушај сега

0:00 0:00
100

Претседателот на САД, Доналд Трамп, денеска му порача на Мексико дека „мора да ги засили своите напори“ во борбата против нарко-картелите. Кратката порака ја испрати преку неговата социјална мрежа Трут соушл.

- Advertisement -
Ad image

Во Мексико денеска ситуацијата е помирна, по вчерашните немири што ги предизвикаа наркокартелите неколку часа по убиството на мексиканскиот наркобос Немесио Осегуера, попознат како Ел Менчо. Вооружени членови на картелот Халиско почнаа да ги блокираат автопатите во неколку мексикански држави и да палат автомобили и бизниси. Во некои градови, на туристите и жителите им беше советувано да останат дома, додека на возачите на камиони им беше советувано да одат по побезбедни патишта или да се вратат во логистичките центри додека не се смири ситуацијата.

Над 50 мртви во судирите

Министерот за безбедност на Мексико на прес-конференција потврди дека 25 членови на Националната гарда и 30 членови на картелот загинале во операцијата за апсење на Ел Менчо и во немирите што следеа.

Мексиканската претседателка Клаудија Шајнбаум и високи владини претставници денеска на прес-конференција презентираа нови информации за безбедносната состојба во земјата.

Мексиканскиот министер за безбедност и заштита на граѓаните Омар Гарсија Харфух изјави дека вчера во судирите во државата Халиско се убиени 25 припадници на Националната гарда, еден затворски чувар и еден вработен во Канцеларијата на државниот обвинител.

– Една жена е исто така убиена, како и 30 криминалци – рече Харфух.

Според министерот за одбрана, генерал Рикардо Тревиља Трехо, осум членови на картелот Халиско Нова генерација се убиени за време на воената операција насочена кон заробување на Осегуера.

– Откако војската почна копнена операција за негово заробување, избувна многу насилна конфронтација меѓу членовите на картелот и мексиканските специјални сили.Тоа беше навистина насилен напад од страна на членови на организиран криминал – им рече Тревиља на новинарите, додавајќи дека за време на операцијата биле запленети муниција и ракетни лансери.

Генералот Тревиља Трехо рече и дека поддршката на САД им овозможила на мексиканските власти да ги „демонтираат“ информациските мрежи на Осегуера. Белата куќа претходно објави дека САД обезбедиле разузнавачка поддршка за време на операцијата.

Поради немирите што следеа по смртта на Осегуера, 2.500 војници беа распоредени во државата Халиско и соседните области, потврди министерот за одбрана, додавајќи дека „нормалноста е вратена“ по пристигнувањето на војниците.

Борба за превласт во картелите

Член на картелот Халиско Нова генерација на убиениот Осегуера изјави за Ројтерс дека пожарите и пукањата се одмазда за неговото убиство и предупреди дека може да има нов бран насилство додека различни групи се борат за контрола врз картелот.

– Нападите беа извршени како одмазда за смртта на лидерот, првично насочени против владата и од незадоволство. Но, потоа следат внатрешни убиства, бидејќи групите почнуваат да се борат за превласт – ијавил тој.

Земјата е помирна по смртта на Ел Менчо

Претседателката Шајнбаум изјави дека „најважно во овој момент е да се гарантира мирот и безбедноста за целото население“.

– Денеска има поголемо чувство на мир. Имаме влада, имаме вооружени сили. Постои безбедносен кабинет и одлична координација. Затоа, можете да бидете сигурни дека мирот, безбедноста и нормалноста се одржуваат во земјата – рече претседателката.

Насилните настани доведоа до откажувања на летови, особено во државата Халиско, а беа пријавени блокади и немири во најмалку 16 држави, вклучувајќи ги Пуебла, Керетаро, државата Мексико, Веракруз, Оахака и Чијапас.

Неколку авиокомпании, вклучувајќи ги Ер Канада, Јунајтед ерлајнс и Аеромексико, ги откажаа летовите до Пуерто Ваљарта, популарно крајбрежно одморалиште, каде што шокираните туристи снимаа густи облаци од чад што се издигаат над пожарите.

Поради ескалацијата на насилството, вооружените сили, Националната гарда и државните власти се вклучени во планот за вонредна безбедност, со посебен фокус на Халиско и соседните држави.

Претседателката објасни дека веднаш по операцијата во неделата, федералната влада воспостави национален команден центар за координирање на безбедносните активности со државните власти.

– Важно е да се знае дека овој команден центар, националниот координативен центар, е сè уште активен. Во него се сместени секретарите на одделите, нивните тимови и Министерството за внатрешни работи за да се обезбеди координација со сите државни влади – рече таа.

Шајнбаум додаде дека центарот бил активиран веднаш по избувнувањето на насилството и им се заблагодари на државните власти за нивната соработка.

Таа ги пофали вооружените сили за нивните акции.

– Сакам да им оддадам посебно признание на Националната одбрана, генералот Рикардо Тревиљо Трехо, мексиканската армија, Националната гарда и воздухопловните сили. Мексико навистина има извонредни вооружени сили. Станува збор за добро подготвени, професионални мажи и жени со голема визија, голем патриотизам и огромна подготвеност – рече таа.

Како беше пронајден Ел Менчо?

Мексиканскиот министе Тревиља Трехо даде детали за неделната операција во која беше пронајден наркобосот познат како Ел Менчо. Според него, локацијата била откриена во петокот со помош на доверлив соработник на девојката на Ел Менчо, која била однесена на имот во Тапалпа, во државата Халиско.

Тревиља Трехо објасни дека операцијата била почната откако добиле клучни информации.

– Таа го напуштила имотот на 21 февруари и добивме дојава дека Ел Менчо е сè уште на таа локација, поради што планот за апсење на Осегуера бил спроведен тој ден – рече министерот.

Над 1.000 луѓе заробени во зоолошка градина

Повеќе од 1.000 луѓе, вклучувајќи деца, беа „заробени“ во зоолошката градина во Гвадалахара, принудени да ја поминат ноќта во автобуси, бидејќи ситуацијата во областа беше премногу опасна за да се напушти.

Директорот на зоолошката градина, Луис Сото Рендон, рече дека некои семејства од државите Закатекас и Мичоакан биле заглавени речиси 24 часа.

– Одлучивме да им дозволиме на луѓето да останат во зоолошката градина за нивна безбедност. Меѓу нив имаше мали деца и постари лица – рече Сото.

ЗА НАС

ОhridSky е ваш доверлив извор за сеопфатно и избалансирано покривање на вестите. Со посветеност на интегритет и точност, обезбедуваме длабинско известување кое ги открива приказните што се најважни.

© 2025 OhridSky. Сите права задржани.

Login to enjoy full advantages

Please login or subscribe to continue.

Go Premium!

Enjoy the full advantage of the premium access.

Stop following

Unfollow Cancel

Cancel subscription

Are you sure you want to cancel your subscription? You will lose your Premium access and stored playlists.

Go back Confirm cancellation