Background

Обвинителската приказна што ги држи сите обвинети „нa купче“ е рецепт за неуспех

Топ Вести - Слушај сега

0:00 0:00
100

Основниот кривичен суд Скопје во четвртокот на 19 февруари го одложи рочиштето за трагичниот пожар во дискотеката „Пулс“ во Кочани. Судот соопшти дека главната расправа нема да се одржи затоа што обвинетиот Гроздан Милковски, сопственик на објектот каде што функционирало таканаречената дискотека, е на болничко лекување во Општата болница во Кочани.

- Advertisement -
Ad image

Дека станува збор за објективна причина за одложување потврдил и судечкиот совет, кој преку телефонска комуникација со лекарите, добил потврда дека обвинетиот во моментов не е во состојба да присуствува во судница. Судот соопшти дека странките се известени навреме, за да се избегнат непотребни трошоци и остануваат во сила веќе закажаните идни термини, со најавено продолжение следната недела, на 25 февруари кога се очекува да сведочат петмина сведоци.

Еден обвинет отсутен – нема рочиште

Со 35 обвинети физички лица и 2 правни субјекти, овој предмет, освен што прераснува во судска постапка каде тежината и обемот на самото обвинение станува најголемата пречка за негово навремено разрешување, ги покажува и првите симптоми на неекономично судење. Во случајов, станува збор за објективна спреченост на еден од обвинетите да присуствува на рочишта поради неговата сериозна здравствена состојба. Такви ситуации нема да можат да се избегнат и во иднина, бидејќи во толкава маса обвинети и изложени на стресни околности, природно е луѓето да се разболуваат – а отсуството на само еден обвинет автоматски значи дека судското рочиште не може да се одржи.

Значи, во принцип, одложувањата се засновани на објективни здравствени или процесни причини кои нормално се присутни во сите предмети. Тие појави се регулирани со процесните правила, кои јасно предвидуваат услови за одржување на процесните дејствија. Кај предметите со поголем број обвинети и обемна документација, за да се одржи заштитата на правата на сите инволвирани во предметот, се почести ваквите појави. Дури и единствено по теорија на веројатност. Токму таа комплексност низ годините создаде низа судски предмети каде што комбинацијата од процедурални специфики и објективни околности резултираше со исклучително долги временски рамки.

Случајот „Маѓар телеком“ е најдраматичниот пример каде што бројките сами ја раскажуваат приказната. Судењето за „Маѓар телеком“ во Македонија почнало во 2011 година. Првото рочиште било закажано на 26 октомври 2011. Но, во 2016 година не се одржало ниту едно рочиште, а до септември 2021 биле закажани 56 рочишта, од кои 30 биле одложени. Повеќе од половина од рочиштата не се одржале поради отсуства на обвинител, недоаѓање сведоци, барања од бранители, поротници и други процесни пречки. Епилогот е следниов: за судски трошоци на одбраната државата исплатила речиси 70.000 евра, иако тројцата адвокати побаруваа околу 250.000 евра.

Илјадници евра народни пари потрошени за мегаломански процеси

Процесот „Змиско око“ траеше цели 13 години. Во текот на судењето починаа 3 обвинети и 2 адвокати. Судењето започна во 2007 година со рекордни 72 обвинети и заврши со застарување на постапката. Тројца од обвинетите за време на децениското судење починаа пред да се затвори правната приказна. Државата беше должна да ги исплати трошоците за сите адвокати ангажирани во текот на тие 13 години. Дел од обвинетите поминаа долги периоди во притвор на почетокот на процесот. Бидејќи не беа осудени, тие подоцна ја тужеа државата и добија огромни суми на име на неосновано лишување од слобода.

„Армиско оружје“ остана во сеќавањето на јавноста како процес што траеше цела ера, затоа што финалето дојде по една и пол деценија. После 16 години судење, Кривичниот суд донел ослободителна пресуда. Судењето стартуваше во 2006 година. Исходот од ова судење отворено ја прикажува дилемата: што добива јавноста кога правдата доаѓа по една и пол деценија?

Случајот „Тенковски делови“, пак, после 12 години судење, заврши со застарување на обвинението, а трошоците за одбраната, 40.000 евра, паднаа на товар на државниот буџет.

Отсуство на правда и изгубено доверба во правосудството

Искуството покажува дека со одложувањата на рочиштата, се множат и ризиците од застарување. Сметката на крајот секогаш се плаќа со народни пари, преку директни исплати од буџетот за пропаднати процеси, но често и преку најскапата цена – загубата на смислата на правдата за жртвите и нивните семејства.

Очигледно е дека Јавното обвинителство со години наназад не ја научи лекцијата и не го усклади своето дејствување во согласност со важечките процесни закони. Обемните предмети, гласните обвинители и непотребните драматизации не донесоа никаков резултат во многу предмети во минатото. Напротив, донесоа чувство на отсуство на правда, изгубена доверба во правосудството и потрошени буџетски средства.

Новото раководство на обвинителството, кое ќе го добиеме наскоро, ќе мора да се соочи со оваа појава и во предметот „Пулс“, но и во други активни предмети кои очигледни погрешно се поставени од самиот свој почеток, да се постави поинаку. Во случајот на „Пулс“, Обвинителството на самиот почеток мораше да размислува и за основниот спорен наратив во обвинението – смислен така за да ги држи сите обвинети „на купче“ и во еден процес – како и за можноста со раздвојување на постапките да се постигне многу поголема брзина на судењето.

Рецепт за неуспех

Повторувавме во сите досегашни написи за овој исклучително сензитивен судски процес, а ќе повториме и сега: брзината на судењата е суштински правен принцип и не е случајно што правото на судење во разумен рок е гарантирано и во член 6 од Европската конвенција за човекови права. Долгите постапки создаваат правна несигурност, психолошки притисок врз странките и ризик од губење докази и сведоци. За жртвите, одолговлекувањето значи продолжена траума и чувство дека системот не ги штити, а за обвинетите – продолжена неизвесност и потенцијална повреда на нивните права.

Економичноста на судењата, пак, обезбедува рационално користење на судските ресурси, време и трошоци, што е во интерес и на државата и на граѓаните. Ефикасните и економични постапки ја зголемуваат довербата во правосудството, спречуваат непотребно натрупување на предмети и овозможуваат судовите да се фокусираат на суштината на спорот, наместо на формални одолговлекувања. Со тоа се зајакнува владеењето на правото и се обезбедува пристапно, правично и функционално правораздавање.

Случајот „Пулс“, кој од почетокот покажува симптоми на непотребно дефокусирање и комплицирање на постапката, сега покажува и симптоми на еден објективен „замор на материјалот“. Затоа, ако намерата на сите актери е да се дојде до правда, судењето не може да продолжи со вакво обвинение и во ваков формат како сега. Едноставно, тоа е рецепт за неуспех.

ЗА НАС

ОhridSky е ваш доверлив извор за сеопфатно и избалансирано покривање на вестите. Со посветеност на интегритет и точност, обезбедуваме длабинско известување кое ги открива приказните што се најважни.

© 2025 OhridSky. Сите права задржани.

Login to enjoy full advantages

Please login or subscribe to continue.

Go Premium!

Enjoy the full advantage of the premium access.

Stop following

Unfollow Cancel

Cancel subscription

Are you sure you want to cancel your subscription? You will lose your Premium access and stored playlists.

Go back Confirm cancellation