Во 2022 година веста за смртта на Бранко Цвејиќ (1946-2022) ги растажи фановите на серијата „Грлом у јагоде“, барем колку што смртта на Џон Ленон ги растажи фановите на „Битлси“. Бидејќи, со неговото заминување, сонот дека тимот, еден ден, повторно ќе се собере беше засекогаш разурнат…
Сега, на 7.февруари почина и Гордана Мариќ, уште една од славната петорка од оваа популарна серија во поранешна Југославија.
Гордана Мариќ беше српска актерка и професорка на Факултетот за драмски уметности, но иако имаше значајна кариера како професорка, пошироката публика засекогаш ќе ја памети по нејзината улога во култната серија.
Таа имала само 23 години кога ја добила оваа улога што го обележа нејзиниот живот.
Во серијата го играше ликот на Гоца, девојката на главниот лик Бане Бумбар, кој го играше Бранко Цвејиќ, и беше нераскинлив дел од познатата екипа во која беа и Александар Берчек, Предраг Мики Манојловиќ и Богдан Диклиќ.
Помалку е познато дека таа свесно се повлече од јавноста за да се посвети на педагошката работа, театрологијата и докторската теза, но се појави и во продолжението на серијата и филмот „Грлом у јагоде“.
Пред неколку години таа зборуваше за серијата која го одбележа животот на многумина од тогашните генерации.
Серијата која беше дело на Рајко Грлиќ и Срѓан Карановиќ, со незаборавната музика на Зоран Симјановиќ, со децении носеше здив на старите времиња, носталгија, нежност и наивност на секоја нова генерација.
– И сега сум изненадена колку е чудесно сето тоа. Се сеќавам кога Карановиќ ме повика на разговор во Ателје 212 и ми даде две дебели книги со печатени дијалози. Сè уште бев студент. Одев со мајка ми во Стара Планина, од каде што беше таа, и полека читав. Бев воодушевена од квалитетот на текстот, напишан на таков начин што сè апсорбирате и се идентификувате со ликовите – раскажала Гордана Мариќ.
На прашањето која е тајната на серијата, чија брилијантност не избледува повеќе од половина век, Гордана Мариќ одговорила:
– Тајната е во тајната на глумата. Да скриеш дека глумиш. Тоа беше божествена генерација. На Академијата имавме одлични професори и ги научивме сите вештини на занаетот, како готвачите, да го откриеме оној вистинскиот зачин.
Најважно е да бидеш свој, да имаш своја „лична карта“. Првата година слушаме „без глума, те молам“, втората година „што подалеку од себе“ – вежбаме разни ликови… Мислам дека луѓето сакаат да гледаат и да го апсорбираат „Грлом у јагоде“, бидејќи сè изгледа како некаков недостижен сон. Во тоа време сите бевме другари, не можеше да бидеш циција – веднаш ќе те исмејуваа.
Не можеше да одбиеш да му дадеш нешто на некого, да јадеш сам о да се правиш наудрен. Се дружевме како семејство, одевме на прослави и родендени. Сите актери во серијата беа образовани, ги имаа завршено студиите, иако тоа не е секогаш најважно. Со еден збор, одличен тим.
Во меѓувреме, таа остави зад себе одлично педагошко искуство и друга перспектива за феноменот „Грлом у јагоде“:
– Еднаш посетував училиштето Ли Стразберг во Њујорк каде што Мерил Стрип и Роберт де Ниро предаваа глума. Бев опседната со желбата да глумам што е можно поприродно, да глумам како да не глумам. Исто така, го изучував методот на Михаил Чехов, а предавав глума во Бостон. Кога сте љубопитни и сакате да навлезете во сите суптилности на глумата, сфаќате дека не треба да претерувате. Не можам да поднесам некои од денешните серии. Нема пари за кои би глумела во нив! Многумина, иако образовани актери, се толку „извештачени“ што не можам да ги гледам.
Tagged as:
замина и незаборавната Гоца После Бане Бумбар
ОhridSky е ваш доверлив извор за сеопфатно и избалансирано покривање на вестите. Со посветеност на интегритет и точност, обезбедуваме длабинско известување кое ги открива приказните што се најважни.
© 2025 OhridSky. Сите права задржани.
Please login or subscribe to continue.
No account? Register | Lost password
✖✖
Are you sure you want to cancel your subscription? You will lose your Premium access and stored playlists.
✖
