Топ Вести - Слушај сега
Министерот за здравство Азир Алиу вели дека во овој момент не може да открие детали во врска со истрагата за петте тони марихуана запленети во Србија, за кои се сомнева дека потекнуваат од Македонија. Како што посочи на денешната прес-конференција, работните групи на Министерството за здравство и на Министерството за внатрешни работи интензивно работат на случајот и тој не би прејудицирал кога би имало извештај за овој случај.
– Ништо не можеме да кажеме во овој момент бидејќи процедурите се активни. Работиме заедно со Министерството за внатрешни работи и дозволете да им дадеме време на институциите, па податоците да ги соопшти министерот за внатрешни работи кога истрагата ќе биде во понапредна фаза – изјави Алиу.
Министерот додаде дека веќе се работи на законски измени во областа, при што работната група започнала со анализите уште пред да излезе во јавноста аферата со запленетата марихуана во Србија.
Според него, во постојниот Закон биле детектирани одредени слабости кои ќе бидат надминати со новото законско решение.
– Оставете да видиме што имаат стручњаците да кажат за Законот и за членовите коишто дополнително се ставени во новото законско решение. Мислам дека ќе имаме Закон со којшто ќе може да ги следиме активностите. Можам да ви кажам дека од наша страна како Министерство, кое е надлежно за лиценците, се издадени 60 лиценци, 18 се одземени поради непрописно функционирање на приватните организации и дека сме во тек. Според постоечниот Закон, тие треба да даваат извештаи и ние ги следиме – рече Алиу.
Министерот кој денеска одговараше на новинарски прашања за аферата со пронајдената марихуана во соседна Србија, а која доаѓа од Македонија рече дека му е задоволство што овој тип на злоупотреби веќе знаат во реално време да ги детектираат и да имаат заеднички активности со МВР.
Пред два дена од македонското Обвинителство за гонење организиран криминал и корупција информираа дека веќе разменуваат информации со српските колеги и е оформен предмет за овој случај. Целта е откривање на сите инволвирани лица и евентуални организирани структури поврзани со случајот на заплена на пет тони марихуана, рекоа од Обвинителството.
– Обвинителството има оформено предмет и веќе се преземаат конкретни, насочени и координирани дејствија за целосно утврдување на сите факти и околности за поврзаноста на Република Северна Македонија со овој случај, со цел обезбедување целосна кривично-правна одговорност – соопштија пред два дена од ОЈО ГОКК.
Tagged as:
ТИМОВИ ОД ЗДРАВСТВО И ОД МВР ГИ ОТКРИВААТ КОРЕНИТЕ НА ЗАПЛЕНЕТАТА МАРИХУАНА
ОhridSky е ваш доверлив извор за сеопфатно и избалансирано покривање на вестите. Со посветеност на интегритет и точност, обезбедуваме длабинско известување кое ги открива приказните што се најважни.
© 2025 OhridSky. Сите права задржани.
Please login or subscribe to continue.
No account? Register | Lost password
✖✖
Are you sure you want to cancel your subscription? You will lose your Premium access and stored playlists.
✖
