Топ Вести - Слушај сега
Додека делницата Кичево-Охрид уште децениски чека да прерасне од лего-состојба во сообраќајница, МВР веќе поставува камери за казнување. Апсурдот е комплетен: инфраструктура нема, казни ќе има.
Секторот за внатрешни работи Охрид денеска ги тестира камерите од проектот „Безбеден град” на делницата Охрид-Кичево, помеѓу Горенци и Требеништа, односно Ботун и Ново Село. Постапката, велат од полицијата, ќе трае 15 до 30 минути на секоја локација, со почеток во 12 часот. Граѓаните се повикани да покажат „разбирање” и да ги почитуваат „привремените ограничувања”.
Разбирање? Можеби токму граѓаните треба да бараат разбирање – од институциите кои години наназад не можат да испорачаат ветен автопат, но затоа без проблем поставуваат опрема за санкционирање.
Делницата Кичево-Охрид одамна е синоним за пропуштени рокови, неисполнети ветувања и инфраструктурен хаос. Наместо модерен автопат кој требаше да ја скрати и обезбеди врската помеѓу овие два града, возачите продолжуваат да се движат низ делница која повеќе личи на градилиште отколку на сообраќајница. Лошо одржување, нејасна патна сигнализација, непостоечки безбедносни стандарди – а сега и камери за надзор.
Иронијата е болна: системот за контрола функционира пред самата инфраструктура да биде комплетирана. Наместо прво да се заврши патот, да се постават соодветни сигнализации и да се обезбедат безбедни услови за возење, приоритет е камерата која ќе снима и казнува. Како да одлучивте да ги монтирате аларм-системите пред да ги изградите коловозите.
Проектот „Безбеден град” е замислен како модерна алатка за зголемување на безбедноста. Во принцип, идејата е добра: камери кои следат сообраќај, откриваат прекршоци и превентивно влијаат на однесувањето на возачите. Проблемот настанува кога истата таа технологија се поставува на место каде што основните сообраќајни услови не се исполнети.
Како некој може да се движи „безбедно” низ делница без соодветна хоризонтална и вертикална сигнализација? Како камерите ќе обезбедат заштита таму каде што самиот пат е ризик? И, најважно, зошто граѓаните треба да плаќаат казни за движење на инфраструктура која не е изградена според стандардите што државата самата ги пропишува?
Автопатот Кичево-Охрид е ветен уште од времето кога дигиталните камери не беа ниту замислени. Изградбата почнуваше, запираше, се најавуваше, одложуваше, прогласуваше како приоритет – и повторно паѓаше во заборав. Локалното население, туристите, бизнисите кои зависат од оваа врска, сите се жртви на хронична неспособност на државата да испорача основна инфраструктура.
А додека државата не може да заврши пат, таа без проблем може да инсталира камери, да врши калибрација, верификација и да праќа технички екипи. Приоритетите се јасни: не инфраструктура за граѓаните, туку инфраструктура за казнување на граѓаните.
Ова не е прв пат кога државата покажува поголема ефикасност во репресијата отколку во сервисирањето на јавното добро. Камерите на „Безбеден град” ќе функционираат. Казните ќе пристигнуваат. Но патот? Патот ќе остане недовршен, небезбеден и недостоен за име „автопат”.
Граѓаните не бараат амнестија од одговорност – бараат држава која прво ја прави својата работа, па потоа бара од нив да ја прават нивната. Бараат пат кој заслужува камери за безбедност, а не камери кои го прикриваат фактот дека патот не постои.
Додека МВР апелира за „разбирање”, можеби е време институциите да разберат една едноставна работа: безбедноста не започнува со камера. Таа започнува со асфалт, сигнализација и одговорност.
А до тогаш, добредојдовте на автопатот кој не постои ,автопатот на смрта– но каде што казните се реални.
ОhridSky е ваш доверлив извор за сеопфатно и избалансирано покривање на вестите. Со посветеност на интегритет и точност, обезбедуваме длабинско известување кое ги открива приказните што се најважни.
© 2025 OhridSky. Сите права задржани.
Please login or subscribe to continue.
No account? Register | Lost password
✖✖
Are you sure you want to cancel your subscription? You will lose your Premium access and stored playlists.
✖
