Топ Вести - Слушај сега
Натпреварот со Данска е веќе минато, а македонските ракометари се подготвуваат за новиот предизвик – Португалија. На утринскиот брифинг со новинарите селекторот Кирил Лазаров напомена:
– Нашиот следен ривал Португалија, тоа е одлична репрезентација и тука се дојдени да се борат за медал. Но, тие не се на нивото на Данска. За нас најважно е да се обидеме да одиграме подобро од дуелот со Данска. Сите ние сакаме изненадување. Португалија е фаворит, а ние ќе се обидеме да им го „пореметиме“ планот. Тие сметаат дека можат да стигнат и до медал. Цела ноќ се занимавам со нив.
По поразот од Данска во Хернинг селекторот Кирил Лазаров изјави дека денешниот тренинг нема да се одржи со цел тимот да биде одморен во пресрет на дуелот со Португалија.
За Данците Лазаров вели дека се подготвуваат за да станат европски шампиони, можеш некако да ги изненадиш десетина минути, но потоа со еден тајм-аут се се менува, покажуваат сила и тоа е тоа.
– Ние треба што поскоро да ги заборавиме Данците кои одат по европско злато, а ние треба да продолжиме по нашиот пат.
Лазаров е дециден. Македонија мора да научи од искуствата со Данска.
– Проблем ни е што брзо влегуваме во опасност од пасивен напад, тоа се одразува на нашиот напад, мораме тоа да го поправиме, побрзо да наоѓаме решение. Ако Португалија не доведе најмалку 7-8 пати да влеземе во опасност од пасива, тогаш ќе имаме голем проблем. Мечот Португалија – Романија од вчера воопшто не е репер, можеше да мине и полошо за Романците, а Португалија во услови на убедлива предност си добија можност да пробаат некои работи. Ние го имаме нивото во однос на поразите од последните квалификациски мечеви. Ние имаме пораснато во однос на тие средби, сега сме репрезентација со глава и опашка. Ние сме Македонци и поразите тешко ни паѓаат, па дури и од една Данска, еве сега на доручек владееше некоја мала депресија иако на сите им е јасно со каков ривал игравме.
Еден од оние кои водеа голема битка на теренот против Данска секако е пикерот Марко Стојковиќ. Младиот 22-годишен ракометар одигра фајтерски против Данска, а успеа да постигне и еден гол во поразот од 36:24.
Стојковиќ вели дека одлично е чувството да се игра во сала пред 15.000 гледачи, а и покрај убедливиот пораз од Данска, пикерот е уверен дека Македонија може да ја помине групната фаза.
– Мора да сфатиме дека Данска се светски и олимписки прваци. Дадовме максимум, секако дека тие беа подобри. Имаме уште многу за играње на ова ЕП. Сега фокусот ни е на Португалија. Убаво беше да се игра пред полна сала, 15.000 гледачи. Сите што влеговме, го дадовме максимумот. Фокусот е да бидеме 200 отсто добри против Портигалија и против Романија, ако сакаме да одиме во другата рунда – рече Стојковиќ по синоќешниот пораз на Македонија во првото коло од Европското првенство.
Дуелот од второто коло македонските ракометари го играат утре (недела) со почеток во 18 часот во Хернинг.
ОhridSky е ваш доверлив извор за сеопфатно и избалансирано покривање на вестите. Со посветеност на интегритет и точност, обезбедуваме длабинско известување кое ги открива приказните што се најважни.
© 2025 OhridSky. Сите права задржани.
Please login or subscribe to continue.
No account? Register | Lost password
✖✖
Are you sure you want to cancel your subscription? You will lose your Premium access and stored playlists.
✖
