Топ Вести - Слушај сега
Неколку месеци по алармантните обвинувања на д-р Сашко Кедев за профитно ориентирани кардиолошки интервенции, јавноста сè уште чека конкретни одговори од Министерството за здравство и Фондот за здравствено осигурување.
Македонскиот кардиолог д-р Сашко Кедев ја вознемири јавноста со сериозни обвинувања за злоупотреби во кардиолошката пракса. “Се соочуваме со нешто застрашувачко – интервенции што се профитно ориентирани. Имаме докази дека одредени центри треба да се затворат од медицински аспект,” изјави тој, апелирајќи директно до институциите да реагираат.
По објавувањето на овие тревожни наводи, министерот за здравство Азир Алиу и директорот на Фондот за здравствено осигурување Сашо Клекоски реагираа со формирање на комисија за истрага на случајот. Во првичните изјави, тие информираа дека за неколку случаи обвинувањата биле потврдени, но дека се чека експертиза од лекари од странство.
Меѓутоа, од тогаш наваму – тишина.
Јавноста е принудена да се прашува: До кога ќе се чека? Дали и овој случај завршува под тепих, како толку многу други пред него? Најдиректно повикани да дадат одговор се токму министерот Алиу и директорот Клекоски, кои имаат морална и институционална обврска да ја информираат јавноста за резултатите од истрагата.
Особено загрижува фактот што во меѓувреме пациентите – оние кои преживеале сомнителни интервенции – останале во неизвесност. Постои оправдана грижа дека доколку не се дејствува брзо, некои од овие пациенти може да не доживеат да видат правда. Како што народната мудрост вели: мртва уста не зборува.
Овој случај е уште еден пример на познатата тактика “фокус-дефокус” во македонската јавна сфера – прашањата кои ја вознемируваат јавноста се става во центарот на вниманието со ветувања за итна реакција, а потоа полека исчезнуваат од јавниот дискурс без конкретни резултати.
Граѓаните имаат право да знаат: Дали комисијата завршила со работата? Дали стигнала експертизата од странство? Какви конкретни мерки се преземени против центрите и лекарите за кои се утврдени злоупотреби? Дали некој ќе одговара за можните загрозени животи?
Здравствениот систем не смее да биде простор за профит на сметка на човечки животи. Институциите должат транспарентност, а јавноста заслужува одговори – пред да биде преку доцна.
Сашо ДЕНЕСОВСКИ
ОhridSky е ваш доверлив извор за сеопфатно и избалансирано покривање на вестите. Со посветеност на интегритет и точност, обезбедуваме длабинско известување кое ги открива приказните што се најважни.
© 2025 OhridSky. Сите права задржани.
Please login or subscribe to continue.
No account? Register | Lost password
✖✖
Are you sure you want to cancel your subscription? You will lose your Premium access and stored playlists.
✖
