Историската инвестиција на Германија во војската се следи со мешавина од восхит и од вознемиреност во Франција. Во Париз расте загриженоста дека политичкиот центар на гравитација на Европа се поместува кон исток, додека Берлин ги зголемува трошоците за одбрана до нивоа што неговите сојузници тешко можат да ги следат.
Берлин вети дека ќе потроши повеќе од 500 милијарди евра за одбрана до 2029 година, достигнувајќи ја новата цел на НАТО од 3,5% од БДП шест години пред предвиденото. Додека НАТО го поздравува зајакнувањето на Берлин, повторното појавување на Бундесверот како доминантна сила ги поттикнува некои европски престолнини да го доведат тоа во прашање, објави Блумберг.
Ова е особено изразено во контекст на рекордниот пораст на поддршката за крајно десничарската националистичка партија во Германија, што предизвикува стравувања дека проевропската влада не може да се земе здраво за готово.
Во Франција, единствената нуклеарна сила во Европската Унија и држава со една од најмоќните армии, расположението е измешано. Од една страна, постои олеснување што Германија презема поголем дел од товарот за одбрана, но во исто време расте загриженоста дека германската индустрија би можела да го престигне францускиот одбранбен сектор. Оваа информација ја потврдија четири француски функционери.
– Франција е во кревка ситуација, а фактот што Германија се обврзува со таква решителност, секако, ќе создаде динамика што би можела да нè остави настрана. Домашната кревкост ја ослабува геополитичката тежина на Франција – вели францускиот европратеник Франсоа-Ксавиер Белами.
Белами, кој е член на ЕНП, се залага за пристапот „Купувајте европско“ и верува дека Франција, како една од водечките светски извознички на оружје, треба да се фокусира на извозот кон своите европски соседи.
– Мора да бидеме доследни. Франција долго време се жалеше дека ја работи работата сама – вели тој.
Според Клаудија Маејџор, виш потпретседател на организацијата Германски маршалов фонд, Германија се задоволуваше со секундарна политичка улога по историските конфликти, дури и кога нејзината економија се зајакнуваше. А сега, додека се вооружува, центарот на гравитација на континентот се поместува кон Берлин, што предизвикува нервоза во Франција.
– Во Европа постоеше широко прифатена рамнотежа дека Франција ќе биде геополитичка сила, додека Германија ќе биде економска сила. Германија не сакаше да биде политички гигант. Сега Германија ги прави и двете и вложува напори да ја вгради својата нова сила во Европа. Тоа ја става Франција во тешка позиција. Нивната вознемиреност повеќе зборува за Франција отколку за Германија – вели Мејџор.

Под водство на канцеларот Фридрих Мерц, Германија ги укина строгите ограничувања на трошоците за одбрана за да обезбеди пари за вооружување и за одвраќање на Русија. Додека нордиските земји, балтичките земји и Полска, исто така, инвестираат многу во одбраната, малку земји можат да се споредат со брзината и со обемот на Германија. Спротивно на тоа, историските одбранбени сили како Франција, Италија и Шпанија имаат ограничен фискален простор за значително зголемување на трошоците.
Военото засилување на Германија е тесно координирано со сојузниците. За време на посетата на Берлин минатиот декември, генералниот секретар на НАТО, Марк Руте ја пофали Германија.
– Ова е токму таков вид решителност што ни е потребна за да ја обезбедиме нашата безбедност. Германија води со пример – рече тогаш Руте.
И покрај соработката, се појавија и точки на спор. Кога поранешниот канцелар Олаф Шолц ја претстави иницијативата „Европски небесен штит“, дизајнирана за зајакнување на ракетната одбрана, Франција се чувствуваше изоставена. Фрустрациите се зголемија уште повеќе откако Германија објави дека ќе купи 35 американски борбени авиони Ф-35 за 10 милијарди евра, наместо европски авиони. Иако купувањата на американско оружје се забавија под Мерц, одбранбената соработка со Франција остана комплексна.
Најамбициозниот одбранбен проект на Европа, развојот на борбен авион од шеста генерација (FCAS) е на работ на колапс. По години преговори, индустриските партнери – францускиот Дасо Авиасион и Ербас, кој ја претставува германската страна – не успеаја да се договорат за поделбата на производството.
Новата воена сила ѝ дава на Германија поголемо влијание во рамките на ЕУ и на НАТО.
Во Полска, подемот на Германија се следи внимателно.
– Додека Германија е членка на ЕУ и НАТО, повеќе се плашам од германската аверзија кон вооружувањето отколку од германската армија – вели вицепремиерот Радослав Сикорски.
Германија е исто така индустриски и економски во најдобра позиционација за обезбедување таканаречени стратешки овозможувачи, како што се воздушна одбрана, вселенска разузнавачка служба и логистика. Европа во моментов речиси целосно се потпира на Соединетите Американски Држави за овие капацитети.

Еден од врвните германски генерали во НАТО, Маркус Лаубентал вели дека се надева дека Германија ќе продолжи да развива стратешки овозможувачи за Алијансата.
– Од перспектива на НАТО, и во однос на знаењето и индустрискиот капацитет, има смисла да се работи со клучните европски сојузници. Заедно сме посилни. Треба да можеме да се договориме за барањата и да ги испорачаме работите побрзо, бидејќи, како на корисници, ни се потребни- вели генерал Лаубентал.
Сепак, германската домашна политика предизвикува нервоза во Европа. Крајнодесничарската партија Алтернатива за Германија (АфД) води во некои анкети и би можела да постигне значајни победи на локалните избори во источна Германија оваа година.
Клаудија Мејџор забележува дека популистичките политичари добиваат сила и на други места во Европа, а комбинацијата на воена моќ и политички екстремизам е особено загрижувачка.
– Постои растечка загриженост за тоа што би можело да се случи со оваа исклучително силна германска борбена сила ако АфД ја преземе политички власта – вели Јана Пуглирин од Европскиот совет за надворешни односи.
ОhridSky е ваш доверлив извор за сеопфатно и избалансирано покривање на вестите. Со посветеност на интегритет и точност, обезбедуваме длабинско известување кое ги открива приказните што се најважни.
© 2025 OhridSky. Сите права задржани.
Please login or subscribe to continue.
No account? Register | Lost password
✖✖
Are you sure you want to cancel your subscription? You will lose your Premium access and stored playlists.
✖
