Background

ЕУ КРОИ ПЛАНОВИ ЗА ОДБРАНА НА ГРЕНЛАНД ОД САД

Топ Вести - Слушај сега

0:00 0:00
100

Европските влади повеќе не ги сметаат за обична реторика заканите на американскиот претседател Доналд Трамп за преземање на данскиот остров Гренланд, туку за сериозна можност. Политичката елита во ЕУ, која до неодамна ги игнорираше зачестените изјави на претседателот на САД, сега очајно бара начин да го запре, пишува Политико.

„Мора да бидеме подготвени за директна конфронтација“

- Advertisement -
Ad image

Алармантната ситуација ја потврдуваат дипломатски извори од ЕУ.

– Мора да бидеме подготвени за директна конфронтација со Трамп. Тој е во агресивен режим и ние мора да бидеме подготвени – рече дипломат запознаен со дискусиите.

Тензиите дополнително се зголемија откако американскиот државен секретар Марко Рубио објави дека следната недела ќе разговара со данските претставници за американското стекнување на Гренланд, а Белата куќа изјави дека би претпочитала преговори, но не ја исклучува воената опција.

Заеднички европски одговор

Како одговор, европските дипломатски напори се интензивираа. Францускиот министер за надворешни работи Жан-Ноел Баро потврди дека разговарал за заеднички европски одговор со неговите германски и полски колеги.

– Прашањето е како Европа, ЕУ, може да се зајакне, за да се одвратат заканите, нападите врз нејзината безбедност и интереси. Гренланд не е на продажба ниту за земање… па затоа заканите мора да престанат – изјави Баро.

Политико разговараше со голем број функционери, дипломати и експерти за да истражи какви опции има Европа на располагање. Чувството на беспомошност, објавува медиумот, е сеприсутно.

– Сите се целосно запрепастени и несвесни за тоа што всушност имаме. Никој навистина не знае што да прави, бидејќи Американците можат да прават што сакаат. Но, сега ни требаат одговори на прашања. Не можае да се чека три, пет или седум години – вели поранешен дански пратеник.

Опција 1: Барање компромис

Трамп ја оправдува својата желба за Гренланд со витални безбедносни интереси на САД и ја обвинува Данска дека не прави доволно за да го заштити островот од растечката кинеска и руска воена активност на Арктикот. Затоа, договорено решение, кое би му овозможило на Трамп да се претстави себеси како победник, а на Данска и Гренланд да го спасат образот, би можело да биде најбрзиот излез од кризата.

Поранешен висок функционер на НАТО посочи дека алијансата би можела да посредува меѓу страните, како што правеше во споровите меѓу Турција и Грција.

Американскиот амбасадор во НАТО, Метју Витакер, вели дека Трамп и неговите советници не веруваат дека Гренланд е соодветно обезбеден.

– Како што се топи мразот и се отвораат патишта во Арктикот и Високиот север, Гренланд станува многу сериозен безбедносен ризик за копното на Соединетите Американски Држави – вели тој.

Затоа, сојузниците разгледуваат нови понуди до Трамп, како што се забрзување на трошоците за одбрана на Арктикот, одржување повеќе воени вежби и распоредување трупи за да се уверат САД.

Двајцата дипломати ја споменаа и можноста за воспоставување шема „Арктичка гарда“, моделирана според постојните иницијативи во источна Европа.

Трамп е привлечен и од огромните минерални наоѓалишта и потенцијалните резерви на нафта и на гас. Сепак, извлекувањето ресурси од негостољубивиот терен е исклучително тешко и скапо. Данските претставници со години безуспешно се залагаат за европски инвестиции во Гренланд, но сега, според еден дипломат од ЕУ, тој став почнува да се менува.

Опција 2: Финансиска инјекција за Гренланд

Администрацијата на Трамп отворено го поддржа движењето за независност на Гренланд, со идеја дека, по отцепувањето од Данска, островот ќе потпише договор со САД и ќе биде преплавен со американски пари. Иако не ја исклучува воената сила, Трамп инсистира дека би претпочитал доброволно да го преземе Гренланд. Затоа, ЕУ и Данска се обидуваат да ги убедат жителите на Гренланд дека можат да им понудат подобар договор.

Според нацрт-предлогот на Европската комисија, Брисел планира да ги зголеми трошоците за Гренланд од 2028 година. Во период од 7 години, трошоците би се зголемиле на 530 милиони евра, а островот би можел да аплицира за дополнителни 44 милиони евра од фондовите на ЕУ. Поддршката, која досега се фокусираше на социјална помош и образование, би се проширила за да го вклучи развојот на капацитетите за екстракција на минерали.

– Имаме многу, многу луѓе под линијата на сиромаштија, инфраструктурата на Гренланд заостанува, а нашите ресурси првенствено се вадат без никаква добра добивка за Гренланд, а главно за данските компании – рече Куно Фенкер, пратеник од опозицијата од Гренланд кој ја поддржува независноста.

Атрактивна понуда од Данска и ЕУ би можела да биде клучна за држење на Гренландците подалеку од дофатот на САД.

Опција 3: Економски контранапад

Од првиот мандат на Трамп Европа интензивно размислува за безбедноста без активно учество на САД.

– Тешко е, но е можно. Но, не знам дали некој сериозно размислувал за обезбедување на европската безбедност од Америка. Тоа е едноставно лудо – рече Томас Крозби, американски воен експерт на Кралскиот дански колеџ за одбрана.

ЕУ има на располагање моќна алатка – инструментот против принуда, еден вид „трговска базука“ создаден веднаш по првата администрација на Трамп. Тој ѝ овозможува на Унијата да возврати на трговската дискриминација. Брисел веќе се закани дека ќе го примени, но се повлече откако постигна договор. Бидејќи САД продолжуваат да воведуваат царини, ЕУ би можела повторно да го активира механизмот.

– Имаме извоз во Соединетите Американски Држави малку над 600 милијарди евра, а за приближно една третина од овие стоки имаме пазарен удел од повеќе од 50 проценти и сосема е јасно дека ова е моќ во наши раце – рече Бернд Ланге, претседател на Трговскиот комитет на Европскиот парламент.

Сепак, клучното прашање е дали Трамп би верувал дека ЕУ е сериозна овој пат.

Опција 4: Испраќање војска

Доколку САД се одлучат за воената опција, Европа малку може да направи.

– Тие нема превентивно да ги нападнат Американците, бидејќи тоа би бил чин на војна – вели Крозби.

Но, според данската трајна наредба од 1952 година, во случај на напад врз данска територија, војската треба „веднаш да влезе во борба, без да чека или да бара наредби“.

Еден дипломат од ЕУ предложи европските земји, на барање на Данска, да размислат за распоредување сили во Гренланд, за да ги зголемат потенцијалните трошоци за воена акција на САД. Иако таквите сили нема да можат да ја спречат инвазијата, тие би дејствувале како средство за одвраќање.

– Може да имате ефект кога имате групи луѓе физички на патот, како ситуацијата на плоштадот Тјенанмен, што потенцијално би ја принудило американската војска да употреби сила или да се повлече – рече Крозби.

Но, тој предупреди дека таквата стратегија доаѓа со висока цена:

– Ова е целосно неистражена територија, но сосема е можно да бидат изгубени животи во обидот да се одбие американското барање за контрола на Гренланд.

ЗА НАС

ОhridSky е ваш доверлив извор за сеопфатно и избалансирано покривање на вестите. Со посветеност на интегритет и точност, обезбедуваме длабинско известување кое ги открива приказните што се најважни.

© 2025 OhridSky. Сите права задржани.

Login to enjoy full advantages

Please login or subscribe to continue.

Go Premium!

Enjoy the full advantage of the premium access.

Stop following

Unfollow Cancel

Cancel subscription

Are you sure you want to cancel your subscription? You will lose your Premium access and stored playlists.

Go back Confirm cancellation