Економскиот факултет при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ е домаќин на првата дводневна работилница (хакатон) на која ученици и наставници од регионалните центри за стручно образование и обука, под менторство на професори и студенти од факултетот, изработуваат бизнис-планови за основање реални училишни компании во склоп на овие образовни установи.
Реалните училишни компании овозможуваат зголемување на практичните можности за учениците, развој на претприемачките и деловните вештини кај нив и подобра подготовка за брзо и успешно вклучување во економијата. Овој тип на компании носат дополнителен приход за училиштата од вршењето правно регулирана комерцијална дејност, и тој приход е значаен за обезбедување одржлив развој на самите училишта зашто тие ќе може да го инвестираат во дополнителен раст и прогрес.
Министерката Весна Јаневска на отворањето на хакатонот рече дека со бизнис-плановите што ќе се изработат ќе може да се отворат реални компании во седумте регионални центри за стручно образование низ земјава, што е дозволено со новиот Закон за стручно образование и обука.
– Тоа е важно затоа што учениците ќе имаат можност за повеќе практична настава, а училиштата ќе можат идејата да ја реализираат во пласирање на продуктот кој тие би го изработиле. Учениците ќе можат да научат и како да се вклучат на реалниот пазар во стопанството, а уште поважно и што самите училишта ќе станат самоодржливи – изјави министерката Јаневска.
Во моментов има седум регионални центри за средно стручно образование низ државава, а до крајот на 2027 година ќе биде отворен и осмиот, последен, кој ќе биде во Скопје.Јаневска посочи дека регионалните центри се заинтересирани за оваа можност од која имаат големи придобивки затоа што има, рече, и напредок на училиштата и напредок на учениците.
– Во меѓувреме, ги опремуваме седумте центри, четири се комплетно опремени, сите се функционални, но ќе треба и мали реконструкции и доопремување за да можеме да се пофалиме дека во иднина ќе станат центри на извонредност – изјави министерката.
Деканот на Економскиот факултет Мијалче Санта изјави дека настанот што го организираат со МОН и со средните училишта во државава ќе покаже како преку институционална соработка може да се креира дополнителна вредност и да се помогне во унапредувањето на образованието на сите нивоа.
– Економскиот факултет како водечки факултет за економија и бизнис образование во државата има општествена одговорност таму каде што може да се вклучи да даде активен придонес и со тоа да овозможи колку што можеме унапредување на образовните процеси и примена на практични искуства во образованието во државата – рече проф. Санта.
Директори на регионалните центри, наставници и ученици присутни на работилницата учат како да креираат бизнис-план со кој ќе ја прошират дејноста на училиштата, согласно Законот за стручно образование и обука. Се очекува во текот на идната година веќе да се основаат првите реални училишни компании.
ОhridSky е ваш доверлив извор за сеопфатно и избалансирано покривање на вестите. Со посветеност на интегритет и точност, обезбедуваме длабинско известување кое ги открива приказните што се најважни.
© 2025 OhridSky. Сите права задржани.
Please login or subscribe to continue.
No account? Register | Lost password
✖✖
Are you sure you want to cancel your subscription? You will lose your Premium access and stored playlists.
✖
