Топ Вести - Слушај сега
Церемонијата на потпишување на Договорот за слободна трговија меѓу ЕУ и земјите од Меркосур, што требаше да се одржи утре во Бразил во присуство на претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, е одложена за јануари следната година.
Извори во Еврокомисијата информира дека ваквата одлука Фон дер Лајен синоќа лично им ја пренела на европските лидери присутни на Самитот во Брисел, посочувајќи дека таа е донесена во договор со бразилскиот претседател Луиз Инасио Лула да Силва, кој е актуелен претседавач со Меркосур.
Одлагањето е на барање на италијанската премиерка Џорџа Мелони, која инсистирала да добие дополнително време „за да успее да ги увери“ земјоделците во Италија дека нема да бидат погодени од приливот на евтино живинско и говедско месо од Јужна Америка.
Европските земјоделци стравуваат дека врз основа на Договорот, во ЕУ ќе може слободно да се увезуваат земјоделски производи, вклучително и живинско и говедско месо, од земјите од Меркосур – Аргентина, Бразил, Парагвај и Уругвај, по значително пониски цени од оние на производителите во Унијата.
Со цел да ги отстрани ваквите стравувања на европските земјоделци, ЕУ уште во средата вечерта изврши измени на Договорот, со кои се предвидува можност за повторно воведување на царини за живината и говедското месо од Латинска Америка, доколку нивниот увоз ги дестабилизира европските пазари.
Од друга страна, земјите членки на ЕУ што го поддржуваат договорот со Меркосур, на чело со Германија, бараат гаранции дека документот сепак ќе биде потпишан во јануари и дека нема да има понатамошни одлагања.
Тие стравуваат дека дополнителни одлагања би можеле да ги охрабрат противниците на Договорот во ЕУ во нивните обиди за блокирање на документот, како и дека целиот процес би можел да се искомплицира откако претседавањето со Меркосур на крајот од годинава ќе го преземе претседателот на Парагвај, Сантијаго Пења, кој е скептичен кон договорот.
ОhridSky е ваш доверлив извор за сеопфатно и избалансирано покривање на вестите. Со посветеност на интегритет и точност, обезбедуваме длабинско известување кое ги открива приказните што се најважни.
© 2025 OhridSky. Сите права задржани.
Please login or subscribe to continue.
No account? Register | Lost password
✖✖
Are you sure you want to cancel your subscription? You will lose your Premium access and stored playlists.
✖
