Со 84 гласа „за“, без ниту еден против или воздржан, на предлог на ВМРО-ДПМНЕ, Вреди и ЗНАМ, Собранието ја формираше Анкетната комисија за утврдување на околностите за трагедијата во Кочани и другите несреќи и трагедии во Македонија.
„Целта е јасна: расветлување на пропустите, утврдување одговорност каде што постои и унапредување на системите што треба да ги штитат граѓаните“, објави пратеникот Бране Петрушевски по гласањето на пратениците.
Во образложението на иницијативата пратеникот Антонио Милошоски рече дека Анкетната комисија има цел неселективно да ги утврди пропустите на институциите за сите трагедии во изминатиот период во кои имаше жртви и да се спречат идни несреќи. Ќе се разгледува пожарот во дискотеката „Пулс“ во Кочани, пожарот во модуларната болница во Тетово и автобуските несреќи на „Дурмо турс“ и на „Беса транс“ вокои загинаа вкупно 138 луѓе. Добиените наоди Комисијата понатаму ќе ги испрати до Владата и до Јавното обвинителство, за да се лоцира доколку има политичка и кривична одговорност.
– Оваа Анкетна комисија се поднесува заради сериозноста на последиците на трагедиите кои се случија последните неколку години. Целта е да се разгледаат сите пропусти и сметам дека овие трагедии што со човечки животи ги платија недолжни луѓе имаат заеднички именител – кај сите 4 трагични несреќи се забележува сплет на пропусти на многу институции, нефункционалност на добар дел од системот и на раководители на одредени институции коишто создале една опасна замка, во која, за жал ненадоместливо имавме загуба на 138 човечки животи – рече Милошоски.
Пратеникот истакна дека е потреба неселективност за сите трагични настани со што би со дошло до објективно согледување и решавање на системските пропусти и недостатоци.
– Со изгласувањето и формирањето на една ваква Анкетна комисија ние како пратеници и како Собрание би покажале неселективност, затоа сметам дека сите овие 4 трагични настани коишто резултирале со ваква ненадоместлива штета и за семејствата и за целата држава, не треба да бидат селективно разгледувани, туку да бидат разгледувани како една целина, за да можеме со објективни согледувања да дадеме препораки за поправање на одредени системски недостатоци – рече Милошоски.



























