Битола/Охрид – Случајот со стечајот на СН Осигурителен Брокер од Битола продолжува да се заплеткува со нови контроверзни развои, откако стечајниот судија Иван Колевски минатата недела на состанокот со советот на доверители изјавил дека побарал свое иземање од случајот.
Според информациите со кои располага редакцијата на Охридскај од свои извори, судијата Колевски се обратил до претседателот на Основниот суд Битола со барање за негово иземање како стечаен судија во овој предмет. Барањето доаѓа по тоа што одредени доверители на СН Осигурителен Брокер Битола поднеле формално барање за иземање на судијата Колевски, наведувајќи битни повреди на законите.
Незадоволство кај Фактор ИН
Најголемо незадоволство од новонастанатата ситуација изразиле сопствениците на Фактор ИН – Даница Џутеска и Владе Пазарџиевски. Џутеска се пожалила на медиумски притисок, посебно на објавувањето на целокупната афера од страна на Охридскај.
Предупредувања за пирамидална измама
Новата стечајна управничка јасно им дала до знаење и на стечајниот судија и посебно на претставниците на Фактор ИН дека, според нејзините сознанија, постои јасна пирамидална измама. Управничката истакнала дека нема да подлегне на притисоци да признае побарувања кои се спротивни на законите и дека ќе побара од органите на прогон да поведат соодветни кривични постапки.
Случајот продолжува да предизвикува внимание во деловните кругови и меѓу доверителите, додека јавноста очекува понатамошни развои во оваа сложена правна и финансиска работа.
С.Денесовски



























