На пригоден настан кој се одржа денеска во Охрид, официјално започна реализацијата на проектите „Волонтери во акција за безбедност на граѓаните и заштита на природата“ и „Крушево и Елбасан – Патување во природа и авантура“, финансирани од Европската Унија преку ИПА 3 програмата за прекугранична соработка меѓу Македонија и Албанија.
Во своето обраќање пред присутните, градоначалникот Кирил Пецаков ја истакна важноста на прекуграничната соработка во зајакнувањето на локалниот развој, заштитата на природата и унапредувањето на безбедноста на заедницата.
–Ми претставува особено задоволство и чест што денеска сум дел од овој пригоден настан, со кој го означуваме почетокот на реализацијата на два значајни прекугранични проекти финансирани од Европската Унија, преку ИПА 3 програмата за соработка помеѓу Македонија и Албанија.
Прекуграничната соработка помеѓу нашите држави има за цел да го поттикне локалниот развој и да обезбеди подобри услови во различни сегменти од општествениот напредок.
Ваквите проекти помагаат во градење на доверба и зајакнување на добрососедските односи, преку заеднички активности и размена на добри практики.
Проектот „Волонтери во акција за безбедност на граѓаните и заштита на природата“ има особено значење за Охридскиот регион. Тој е вистински чекор напред во јакнењето на нашите локални капацитети, во заштитата на човечките животи и во зачувувањето на уникатната природна средина.
Западноевропските земји одамна го препознаа значењето на волонтерите во системите за цивилна заштита, каде и до 95% од спасувачките интервенции на планина и вода ги извршуваат специјализирани волонтерски организации. Тие се двигателот на солидарноста и хероите кои спасуваат човечки животи.
Се радувам што преку овој проект и нашиот регион ќе ги подобри условите за делување на Службата за спасување на вода при Црвен крст, Охрид. Покрај напредните обуки, од особено значаење ќе биде набавката на брод амбуланта. Овој брод ќе овозможи брз, безбеден и квалитетен медицински транспорт преку езерото и поголема безбедност за сите жители и посетители на охридското крајбрежје.
Исто така од особено значење се и активностите поврзани со Националниот парк Галичица, каде што ќе се воспостават нови „еко-патролни“ тимови кои ќе помогнат во спречување на нелегални активности, шумски пожари и несреќи.
Како локална самоуправа, Општина Охрид секогаш стои зад овие процеси, со поддршка во сите сегменти каде што е неопходно. Секогаш сме тука да бидеме партнер, да придонесеме кон унапредување на безбедноста, институционалната подготвеност и одржливиот развој на регионот. Верувам дека вложувањето во луѓето, во нивната подготвеност и заштитата на природата е најважната инвестиција што можеме да ја направиме.
Им благодарам на сите партнери, институции, организации и волонтери кои се дел од оваа важна мисија и секако на Европската Унија, која ги поддржува овие активности.
Нека биде успешен почетокот на реализацијата на проектите и нека донесат многу нови знаења, подобри услови за прекуграничниот регион и развој на капацитетите по сите европски стандарди, истакна Пецаков во своето обраќање.
Пред присутните свои обраќања имаа министерот за локална самоуправа, Златко Перински, амбасадорот на ЕУ во Македонија, Михаил Рокас, генералниот директор на Агенцијата за стратешко програмирање на Албанија, Еридана Чано, градоначаникот на Крушево, Нико Чонески и Претседателот на Општинската организација на Црвен Крст-Охрид, Сашо Точков.
На настанот беа потпишани договорите за кофинансирање меѓу носителите на проектите и Министерството за Локална Самоуправа. Исто така, свечено беше потпишан Договорот за партнерство за „Техничката Помош на Програмата за Прекугранична Соработка Северна Македонија–Албанија во рамките на финансиската алокација за 2023 година“.
Во рамки на настанот беше извршена Презентација на програмата за прекугранична соработка меѓу Македонија и Албанија како и детали за проектите „Волонтери во акција за безбедност на граѓаните и заштита на природата“ и „Крушево и Елбасан – Патување во природа и авантура“.






























