Премиерот Христијан Мицкоски на денешната седница во Собранието за пратенички прашања говорејќи за Планот за раст и Реформската агенда ги појасни детално чекорите и законите кои треба да се имплементираат, истакнувајќи дека до крајот на годинава ќе се работат дел од чекорите и процедурите, а тие кои ќе заостанат ќе бидат сработени во првите три месеци од следната година.
- Субвенции за струја, либерализација на пазарот
- Училишта и градинки пред платите на судии и обвинители
- Законот за Судски совет за брзо ќе се најде во Собрание?
- „Досега никој не го направил ова за младите“
- Ваучери за бизнис план, 2.500 лица ќе потпишат договор
- 39.012 ваучери за електронски уреди за студентите
Одговарајќи на прашање од пратеникот Сергеј Попов од ВМРО-ДПМНЕ, што се прави за напредокот на државата во исполнувањето на домашните задачи од европската агенда, Мицкоски нагласи дека „ќе можеме да го фатиме чекорот“.
– Законот за аудиовизуелни услуги е дел од Министерството за дигитална трансформација и е готов генерално, со тој закон сакавме да бидат и деловите кои се однесуваат на “roam at home“ односно кога младите ќе патуваат низ Европа да не плаќаат роаминг, но тоа ќе се имплементира следната година, а ние имаме амбиција законот да го донесеме оваа година, а следната преку амандмани да интервенираме за роамингот – изјави премиерот Мицкоски.
Субвенции за струја, либерализација на пазарот
Следен чекор, Мицкоски рече дека се измените во Изборниот законик кои треба да бидат усогласени со препораките на ОБСЕ и ОДИХР и дека тоа зависи од политички консензус, а бидејќи е реформски закон може да се постигне тој консензус и да се донесе до крај на година со вклучени препораки на ОБСЕ и ОДИХР.
– Следниот чекор е исто така значаен кој не можеме да го исполниме, а се однесува во делот на енергетиката, а тоа е целосна либерализација на пазарот за електрична енергија, пред сѐ, се мисли на домаќинствата, затоа што ако Владата престане да ја субвенционира електричната енергија за домаќинствата тогаш цената ќе се зголеми за отприлика 30% до 35% и тоа ќе предизвика инфлација и ќе има верижен ефект врз многу други процеси, и затоа ние како држава продолжуваме да ги субвенционираме сметките за електрична енергија за домаќинствата и сите на регулираниот пазар – потенцираше премиерот Мицкоски.
Училишта и градинки пред платите на судии и обвинители
Мицкоски нагласи дека следен чекор кој исто така е важен се законите во ресорот правда.
– Тоа се законите за јавно обвинителство, за судови, за јавно обвинителска служба и за служба во судовите кој се однесува за две работи, едната е да можат судовите и обвинителствата да вработуваат само со одобрение на Судски совет и Совет на јавни обвинители, а Владата да ја информираат, што е во ред, но не можеме да се согласиме со тие средства кои треба од буџетот да ги одвојуваме за да бидат зголемени примањата, ако се жалат со 3-4.000 евра месечни примања, тогаш како им е на дечињата во градинка кои немаат па играчки за играње. Тој е буџетот, го украле, останале малку пари, тоа што останало ние се трудиме да менаџираме како што треба, реновираме градинки, училишта, цениме дека е поголем приоритет отколку да ги зголемиме платите на судиите и обвинителите. Мислиме дека е фер – нагласи премиерот Мицкоски.
Законот за Судски совет за брзо ќе се најде во Собрание?
Премиерот Мицкоски, додаде дека следен чекор кој поминал на владина процедура е новиот закон за Судски совет и се усогласува со Канцеларијата на Европска Комисија и за брзо ќе се најде во Собрание.
– Потоа е делот на објавување на регистар на компании во кои државата има некаков удел, не доминантен, туку некаков удел, тоа се претпријатија во кои државата е сопственик, законот заедно со професори од Правен факултет го направивме, го доставивме до Министерство за економија и труд и Министерство за европски прашања и очекуваме скоро да се усогласи и во декември да се најде во Собрание. Понатаму има дел во кој давачки и процедури кои треба во три институции да бидат усогласени тоа се Централен регистар, Малмед, односно Агенцијата за лекови и Министерството за економија и труд во делот на Централен регистар е завршено тоа се шест, во Малмед се 19, десет усогласени, девет ќе се усогласат и останува уште три во Министерство за економија и труд и ова ќе биде завршено во рамките на оваа година. Понатаму имаме либерализација на железнички сообраќај, во делот на инфраструктура, транспорт, и веќе се реализираше состанок со Канцеларијата на Европската Комисија договорени се активностите. Имаме комплетирање на вработувања во рамките на Агенција за одземен имот, и работните места ќе бидат пополнети -изјави премиерот Мицкоски.
„Досега никој не го направил ова за младите“
Во врска со програмите за младите премиерот ја спомна мерката за самовработување.
– Исклучително успешна мерка беше ова, барем до сега, се надевам дека така ќе биде и во периодот којшто следи. Самовработувањето е многу важна мерка и во Буџетот се издвоени средства коишто се од износ отприлика 2,5 милијарди денари, или околу 40 милиони евра, што е за 7,5 милиони повеќе од минатата година. И ова е историски највисока поддршка којашто до сега се случила.
Мицкоски истакна дека Оперативниот план за самовработување е доказ дека државата инвестира во младите.
– Со овој план во 2025 година ќе бидат опфатени нешто повеќе од 16.500 лица. Нешто што мислам дека е најголем опфат до сега и јасен доказ дека државата практично инвестира во луѓето, а посебно во младите.
Ваучери за бизнис план, 2.500 лица ќе потпишат договор
Премиерот информира дека до пред една недела издадени се вкупно 2.916 ваучери за изработка на бизнис план и дел од тие ги промовиравме во Владата. Оценети се 2.681, при што 1.140 се за млади до 29 години, 912 за лица над 29 години, а 629 за правни субјекти регистрирани како друштва со ограничена одговорност.
– Во моментот повеќе од 2.500 лица веќе се во процес на потпишување договори. Финансиската поддршка е значително зголемена: 7.000 евра за лица над 29 години или 14.000 евра ако се здружат во ДОО, и 10.000 евра за млади до 29 години или 20.000 евра ако се здружат во ДОО.
Мицкоски додаде дека ова е нешто коешто за прв пат се случува во Македонија.
– Морам да кажам дека ги изненади и нашите очекувања и во годините коишто следат очекувам поддршката којашто е дел од овој Оперативен план за самовработување само да се зголемува, бидејќи ако ние со 40 милиони евра успеавме да анимираме повеќе од 16.500 луѓе, тоа е сериозна бројка и убеден сум дека од тие бизниси ќе излезат многу бизниси старт-ап коишто понатаму ќе донесат додадена вредност во македонската економија.
39.012 ваучери за електронски уреди за студентите
Тој вели дека ваква поддршка за младите немало.
– Генерално зборувам, реконструкција на студентските домови, ваучерите за студентите за електронски уред и кога сето ова ќе се земе во предвид, ценам дека како Влада правиме нешто коешто до сега никој не го направил во независна Македонија за младите.
Заклучно до денес, издадени се 39.012 ваучери, а искористени се 18.848, значи толку се купени. Инаку мерката е 850 милиони денари, вели претседателот на Владата.
Премиерот Мицкоски посочи дека ова до сега не се случило и оваа мерка за електронски уреди е дел од кампањата којашто има за цел да ги задржи младите во државата.
– Ова до сега не се случило и мислам дека ова е дел од онаа сеопфатна кампања којашто ја правиме за младите луѓе да останат тука дома – посочи премиерот.
Мицкоски најави дека ќе има уште многу проекти за младите во годините коишто следат, бидејќи како што рече иднината е токму во нив.




























