Точно е тоа дека е покрената постапка пред Уставниот суд за линеарното покачување на пензиите, рече претседателот на Владата Христијан Мицкоски на собраниската седница за поставување пратенички прашања.
– И точно е дека таа судијка за којашто сите зборуваме, којашто беше архитип на неправдата во судството, заедно со една друга обвинителка, којашто беше исто така вториот столб на тој архитип на судството едно време и коишто соучествува во онаа чанта од брендот Луј Витон, се тие на коишто денес им пречи линеарното зголемување на пензиите на пензионерите – рече тој.
Премиерот истакна дека според последната информација, судијката на Уставниот суд Кацарска ја потпишала одлуката за укинување на линеарното зголемување на пензиите.
– Последните информации се дека веќе одлуката е донесена и потпишана од нејзина страна и дека пензионерите веќе нема да добиваат линеарно зголемување на пензиите, туку согласно процентите утврдени по законот. И тоа само за информација значи дека 70 проценти од пензионерите ќе добиваат помала пензија од следниот месец, поради оваа иницијатива на оваа судијка која е дел од Уставниот суд – рече Мицкоски.
Тој истакна дека ваквата одлука не е фер.
– Од аспект на фискален товар, помалку пари ќе даде Буџетот, но од аспект дали е тоа фер, не е фер, затоа што во време на транзиција кога малкумина олигарси го приватизираа и го разграбаа македонското стопанство или поголем дел го уништија, најголем дел од овие пензионери со ниски примања, 8.000, 9.000, 10.000 или 12.000 денари, се резултат на тој процес во времето на транзицијата. И затоа тие добиваат така ниски пензии. Целта на линеарното зголемување беше да се намали ХДИндексот, а да се зголеми стандардот на пензионерите и на тој начин да се намали степенот на сиромаштија – нагласи Мицкоски.
Тој додаде дека нема да се зачуди доколку истата уставна судијка донесе одлука за одмрзнување на платите на судиите и обвинителите.
– Замислете истовремено најверојатно следната одлука којашто ќе дојде од истиот суд е да ги одмрзнеме платите на судиите и на обвинителите. Значи на пензионерите им се укинува правото, но затоа пак на овие обвинители и судии, бидејќи се незадоволни со 2.500, 3000, 4.000 евра, ќе треба да им се одмрзнат платите. А пензионерите со 10.000, 12.000 денари, коишто треба да добијат 1.000 денари зголемување сега овој месец, тие се побогати од овие малкумина судии и обвинители коишто ја контаминираат оваа професија. Ваквата одлука е неправда за пензионерите – рече Мицкоски.



























