За само неколку дена, членови на вооружени криминални групи во Нигерија киднапираа стотици луѓе, вклучувајќи многу деца. Нигерискиот претседател Бола Тинубу прогласи вонредна состојба за целата земја, додавајќи дека армијата и полицијата ќе бидат засилени.
Нигерискиот претседател Бола Тинубу прогласи „безбедносна вонредна состојба“ за целата земја во среда, додека властите се обидуваат да одговорат на зголемениот број киднапирања.
„Ова е национална вонредна состојба и ние ќе одговориме со распоредување повеќе војници, особено во областите што се соочуваат со безбедносни предизвици“, рече Тинубу во среда, според француската новинска агенција АФП.
Во последните денови, членови на вооружени банди киднапираа ученички, жени и деца низ целата земја, вклучувајќи повеќе од 300 ученички и наставници од католичко училиште во државата Нигер. Многумина се спасени, некои успеале да избегаат, но околу 265 деца и наставници сè уште се водат како исчезнати.
Затоа Тинубу нареди дополнителни воени распоредувања и прераспоредување на полицајци, од кои многумина претходно заштитуваа само политичари и други важни личности.
Нигериска армија
Нигерија е погодена од постојана безбедносна несигурност со чести киднапирања за откуп, а џихадистички бунт беснее на североистокот од земјата веќе 15 години.
Од озлогласеното киднапирање на 276 девојчиња од интернат во североисточна Нигерија од страна на џихадистичката група Боко Харам во 2014 година, низ целата земја се регистрирани илјадници киднапирања, од кои многу не се пријавуваат.
Вооружените банди неодамна ги засилија нападите во руралните области на северозападна и централна Нигерија, каде што присуството на државните сили е ограничено, убивајќи или киднапирајќи илјадници луѓе, а потоа барајќи откуп за киднапираните.
Членовите на бандата претежно се кријат во огромна шумска област што се протега низ неколку држави, од каде што потоа извршуваат напади. Тинубу објави дека ќе ги чешлаат шумите и ќе ги „искоренат терористите и бандитите што се кријат во нив“.
Според податоците од нигериската консултантска куќа за безбедност SBM Intelligence, вкупно повеќе од 4.700 луѓе биле киднапирани во Нигерија помеѓу јули минатата година и јуни оваа година, а најмалку 760 биле убиени. Киднапирањето за откуп неодамна „прерасна во структурирана, профитабилна индустрија“, додаде компанијата.




























