Првичните резултати од истрагата за тешката сообраќајна несреќа, во која загина 20-годишната Ана Радовиќ, по која три дена се трагаше, затоа што возилото завршило во бетонски канал и тешко можело да се забележи, укажуваат дека смртта настапила како последица на тешките повреди добиени во сударот и дека била моментална. Тоа може да значи дека „паник-повикот“ упатен до полицијата и брзата помош се активирал автоматски, што технички постои како опција.
Постоеше сомневање дека Ана и нејзиниот сопатник останале заробени подолго време во тесниот канал, со оглед на тоа што потрагата траеше 72 часа, а телефонот на Ана бил во функција дури 14 часа по несреќата.
– Првичните наоди укажуваат дека ударот бил толку силен што со голема сигурност може да се претпоставии дека загинале на самото место. Мажот кој беше извлечен имал видливи повреди на главата, целосно здробено лице. Телата, секако, се пренесени на обдукција, која треба да ги утврди сите недоумици во случајот, вклучително и тоа како точно настапила смртта на двете млади лица. Се верува дека се движеле кон Белград, каде несреќната девојка студирала – вели соговорник на српски Курир.
Сепак, официјалните наоди на обдукцијата не се објавени, а тие треба да покажат дали Ана и возачот на возилото биле живи по несреќата и колку долго.
Ана Радовиќ (20) исчезна на 23 ноември, кога од Златибор тргнала кон Белград на факултет. Последен пат ѝ се јавила на брат ѝ истиот ден во 18:45 часот, по што речиси 72 часа немало никаква информација за неа.
Тридневната потрага по исчезнатата Ана заврши трагично. Во средата биле пронајдени две тела во бетонски одвод покрај магистралниот пат Чачак – Пожега, во автомобил кој излетал од коловозот. Официјално беше потврдено дека станува збор за телата на исчезнатата Ана Радовиќ и нејзиниот пријател Александар М. (37), кој управувал со автомобилот „ауди“.
Милош, нејзиниот татко, раскажа за „Блиц“ дека ќерката тргнала кон Белград со пријател кој патувал во истиот правец. Последен пат се јавила кога се наоѓала во близина на Чачак. Разговорот се случил во 18:45, а според таткото, тоа бил последниот момент кога некој од семејството ја слушнал.

– Потоа телефонот ѝ бил достапен уште 13–14 часа, а потоа станал недостапен – додаде тој.
Таткото тогаш апелирал до сите граѓани кои имаат било каква информација за Ана или ја виделе, веднаш да се јават во најблиската полициска станица.
Следниот ден пожарникари–спасувачи и нуркачи од Жандармеријата детално ја пребаруваа реката Морава и езерото Меѓувршје меѓу Чачак и Ужице, поради сомнеж дека автомобилот можеби излетал во водата. Сепак, по целодневната потрага во вторникот, не бил пронајден ниту еден траг.

Полицијата на 23 ноември добила известување од Итната помош дека е добиен „паник-повик“ од возилото. Според информации на Блиц, од телефонот на исчезнатата Ана биле упатени два повици – кон итните служби и кон брзата помош. „Паник-повикот“ е функција која овозможува од возилото автоматски или со притискање на копче да се контактира итна служба во случај на несреќа или опасност.
Потрагата завршила трагично кога во средата наутро автомобилот „ауди SQ“ бил пронајден во бетонски одвод покрај магистралниот пат Чачак – Пожега. Возилото го забележале граѓани.
Пожарникарите–спасувачи го прицврстиле автомобилот со сајли и по неколку обиди успеале да го извлечат со кран.

Александар М. (37), кој го управувал автомобилот, имал долг список сообраќајни прекршоци, поради што во неколку наврати му била одземена возачката дозвола.
Причината за тешката сообраќајна несреќа во која загинаа Ана Радовиќ (20) и нејзиниот пријател сè уште се утврдува. Се проверува и можноста несреќата да е последица на неприлагодена брзина.
Патот каде што се случила несреќата е полн со кривини, а критичниот ден времето било лошо и дождливо. Наредена е и обдукција што треба да утврди дали возачот бил под дејство на алкохол или психоактивни супстанции.
Причината за смртта на Ана и Александар сè уште не е позната, но по обдукцијата треба да стане јасно дали Ана била жива по несреќата, и колку долго.




























