Девојка почина, а млад маж е сериозно повреден откако беа нападнати од ајкула додека пливаа на оддалечена плажа во австралиската држава Нов Јужен Велс.
Полицијата соопшти дека девојката, за која се верува дека имала околу 20 години, загинала на местото на нападот, додека мажот, исто така во 20-тите години, е префрлен со хеликоптер во болницата во Њукасл во критична состојба.
Итна помош била повикана на плажата Кајлс, во Националниот парк Кроуди Беј, околу 300 километри северно од Сиднеј, во раните утрински часови во четврток по локално време, соопшти полицијата.
Властите пофалија случаен минувач кој со импровизирана подврска го запрел крварењето на ногата на нападнатиот маж пред да пристигне медицинскиот персонал, веројатно спасувајќи му го животот.
– Храброста на некои луѓе во овие ситуации е неверојатна. Да се направи нешто такво е херојски чин и ни даде време да стигнеме до пациентот – рече одговорно лице на Итната медицинска помош.
Официјалните лица изјавија дека нападот најверојатно го извршила голема ајкула-бик, објави Министерството за примарни индустрии.
Ајкулите-бик, кои живеат и во слатка и во солена вода, се меѓу неколкуте видови што можат да бидат особено опасни за луѓето, според Австралискиот музеј. Според Меѓународниот регистар на напади од ајкули, тие се третиот најсмртоносен вид ајкули. Овие ајкули можат да пораснат до 4 метри во должина.
Плажата е затворена, а во водата се ставаат мамки со куки за да се привлечат ајкулите за да можат да се обележат и да се вратат во морето.
Спасувачката служба објави дека блиските плажи исто така ќе бидат затворени 24 часа, додека беспилотните летала ќе летаат над областа.
– Ова е ужасна трагедија и изразуваме најдлабоко сочувство до семејството на женатакоја загина – рече извршниот директор на Службата за спасување, Стив Пирс.
Тој ги повикувајќи ги граѓаните да останат подалеку од водата на блиските плажи и да ги следат упатствата на спасувачите.
Ова е петтиот фатален напад од ајкула во Австралија оваа година. Последниот се случи пред помалку од 3 месеци, кога еден човек беше убиен во редок напад на ајкула на северните плажи во Сиднеј.
Во 2024 година имало 13 нефатални напади, во 2023 година имало 4 смртни напади, а во 2020 година имало 7 фатални напади.
– Општо земено, има зголемување на каснувањата од ајкули низ Австралија во последните 2 децении – вели професорот Чарли Хувенирс, директор на Конзорциумот за морски и крајбрежни истражувања на Универзитетот Флиндерс.




























