Американската пејачка Џенифер Лопез минатиот викенд настапувала на свадбата на индиски милијардер, за што била платена околу два милиони долари, пишува „Пејџ сикс“.
Лопез ги извела своите најголеми хитови, меѓу кои „Waiting for Tonight“ и „Get Right“, а за време на настапот неколкупати го сменила сценскиот стајлинг.
На самата свадбена церемонија пристигнала во розев, светкав сари, а подоцна на сцената се појавила во црн комбинезон-боди, со прорези. Потоа се пресоблекла во златно трико со длабоко деколте, а настапот го завршила во сребрен костим со високи шлицеви, комбиниран со светкав капут, капа и високи чизми.
Покрај песните, Џенифер одржала и краток говор, наздравувајќи им на младенците – Нетра Мантена и Вамси Гадирај.
– Вашите семејства нека бидат обединети на овој прекрасен ден и нека нè благослови Бог сите – рекла таа.
Нетра е наследничка на Рама Рају Мантена, директор и претседател на Ingenus Pharmaceuticals, додека нејзиниот сопруг Вамси е технолошки претприемач, коосновач и главен технички директор на платформата Superorder.
Нивната раскошна свадба во Удаипур започнала на 20 ноември, а четиридневната прослава била исполнета со настапи на светски познати музичари. Првата вечер ја предводел диџеј Тијесто, а меѓу гостите бил и Доналд Трамп Јуниор.
Традиционалните индиски претсвадбени церемонии – сангит и мехенди – се одржале на 21 и 22 ноември, а парот се венчал во неделата, 23 ноември.



























