Италијанскиот парламент едногласно усвои закон со кој фемицидот се дефинира како посебно кривично дело, со кој се предвидува доживотна казна затвор.
Законот, исто така, поставува нови услови за осудените лица за фемицид и ги зајакнува обврските за образовни иницијативи за подигање на свеста за борба против родово базираното насилство, објави Анса.
Законот беше симболично усвоен на Меѓународниот ден за елиминација на насилството врз жените, 25 ноември.
Одлуката дојде откако 22-годишната Џулија Чекини беше убиена од нејзиното поранешно момче во 2023 година, предизвикувајќи силен јавен протест и дебата за родово базираното насилство.
Италијанската премиерка Џорџија Мелони го презентираше законот, кој беше поддржан од владата и опозицијата. Новиот закон прецизира дека фемицидот ќе биде класифициран кога убиството на жена произлегува од омраза, дискриминација, доминација или контрола врз неа, вклучително и ситуации на раскинување на врска или ограничување на личните слободи.
Според податоците на италијанската полиција, минатата година беа убиени 116 жени.
Со овој закон, Италија се приклучува кон земјите од ЕУ кои веќе имаат дефиниција за фемицид, како што се Кипар, Малта и Хрватска.
Родителите на жртвите, вклучувајќи го и таткото на Џулија, Џино Чекети, ја нагласуваат важноста на едукацијата на младите луѓе за почитување и родова еднаквост, додека експертите предупредуваат дека самиот закон не е доволен без поширок социјален и економски ангажман во борбата против родовата нееднаквост.
Законот беше усвоен едногласно, а парламентарната седница заврши со аплауз од пратениците.




























