На видеото се гледа како Рид неповрзано им зборува на луѓето што се обидуваат да ѝ помогнат, а во еден момент речиси паѓа од инвалидската количка додека обезбедувањето ја води низ лобито на хотелот.
Рид раскажала дека инцидентот се случил во хотелски бар во областа на Чикаго, иако точната локација сè уште се утврдува. Нејзиниот портпарол изјавил за Дејли Мејл:
– Тара Рид поднесе полициска пријава по инцидент за кој верува дека е резултат на подметнување дрога. Таа целосно соработува со полицијата. Моментално закрепнува и бара приватност во овој трауматичен период. Исто така, ги повикува сите да внимаваат на своите пијалаци и никогаш да не ги оставаат без надзор. Во овој момент нема да дава понатамошни коментари.
Иако во минатото се борела со зависност, Рид изјавила за ТМЗ дека таа вечер испила само еден пијалак. Лицето кое го снимило видеото тврди дека актерката, пред да пристигне брзата помош, викала: „Не знаете која сум! Јас сум славна! Јас сум актерка!“.
Во разговор за „TMZ Live“ следниот ден, Рид подетално го опишала наводниот напад.
– Се пријавив во хотелот, отидов да се напијам еден пијалак и да запалам цигара. Ја оставив чашата на шанкот и излегов само на кратко. Имаше неколку јутјубери кои шетаа низ лобито, снимајќи сè околу нив, атмосферата беше чудна. Кога се вратив, мојот пијалак беше покриен со салфетка. Си помислив: „Ова не е мое“. Испив уште малку… и тоа е последното нешто што го паметам. Следното нешто што го знам – се разбудив во болница осум часа подоцна.
На прашањето дали во болницата ѝ направиле токсиколошки наоди, таа одговорила: „Не. Само рекоа: „Дрогирана си. Рекоа дека сум била дрогирана во барот“. Потоа додала дека не прашала за каква супстанцијата станувало збор бидејќи сè ѝ било „матно“ и „магливо“.
Актерката планира да поднесе официјална пријава и да ги прегледа снимките од безбедносните камери.
– Сè беше морничаво. Единствено ми олесни тоа што бев на јавно место, каде што обезбедувањето можеше да реагира. Ако ова се случеше некаде на друго место… можев да бидам силувана. Можеше да заврши многу полошо – рекла Рид.
Со оглед на нејзината историја на борба со зависност, водителот Харви Левин ја прашал дали може да го контролира пиењето.
– Апсолутно. Испив само чаша вино. Не пијам жестоки пијалаци. Воопшто не очекував дека нешто вакво би можело да се случи.
Во 2008 година Рид поминала низ рехабилитациска програма. Една година подоцна, изјавила дека рехабилитацијата „ѝ го спасила животот“.
Инаку последниот инцидент се случил неколку недели откако Дејли Мејл објави дека актерката ја завршила својата шестгодишна врска со музичкиот продуцент Натан Монпетит-Хауар (43). Според блиските извори врската „дошла до својот крај“ и била „лоша за неа“.
– Тара не седи дома и плаче. Таа е во одлична фаза. Не сум ја видел толку среќна со години – рекол изворот.
Рид се прослави кон крајот на 1990-тите со улогата на Вики во култната франшиза „Американска пита“, а гледачите ја паметат и од филмови како „Големиот Лебовски“ и „Шаркнадо“. Се обидела и во ријалити шоуата – во британската емисија „Celebrity Big Brother“ во 2011 година и во шоуто „Special Forces: World’s Toughest Test 2023“.




























