Заклучно со вчерашниот ден се доделени вкупно 33.682 ваучери за студенти за набавка на електронски уред во вредност од 15.300 денари. Од нив, веќе 11.500 студенти успешно го реализирале ваучерот и веќе подигнале нов електронски уред.
– Овие бројки јасно покажуваат дека интересот е огромен, имплементацијата стабилна, а мерката создава вистински резултати. Оваа мерка не е случајна ниту импровизирана, туку прецизно и навремено испланирана од страна на Генералниот секретаријат на Владата, во блиска соработка со Министерството за дигитална трансформација и со Министерството за образование и наука. Оваа институционална координација овозможи: брза организација на постапките, јасни критериуми за студентите, технички усогласен систем за доделување и реализација на ваучерите и висока транспарентност на процесот – рече денеска портпаролката на Владата, Марија Митева.
Таа додаде дека Владата ќе продолжи со следење на реализацијата кај овластените трговци, обезбедување постојана поддршка за студентите и подготовка на нови политики насочени кон дигитализација и модернизација на образованието.



























