Општините Загори, Филијатес и Зирос се прогласени за вонредна состојба поради обилни врнежи, додека северниот дел на Крф претрпе значителни штети на инфраструктурата, објави ERT News.
Селата во северна Џумерка останаа без електрична енергија, а проблеми се пријавени и во планинските области Каламбака, Кожани и Аспропотамос. Во Филипијада, поплавите, паднатите столбови и лизгањето на земјиштето предизвикаа сериозни нарушувања, додека слични проблеми беа забележани и во општина Арта, каде што имаше прекини во електричната мрежа и штети на патната инфраструктура.
Поплави ги погодија и селата во Педини, близу Јанина. Во градот Коница беа оштетени улиците и електричните мрежи, додека голем дел од општина Масторохори остана без струја, а се регистрирани и проблеми со водоснабдувањето. Локалната самоуправа побара прогласување вонредна состојба за да се забрза обновувањето на инфраструктурата.
Системот за тревога беше активиран во Јанина, Арта, Превеза и Теспротија поради ризик од свлечишта. Тим на цивилна заштита предводен од заменик-министерот за климатски кризи и цивилна заштита, Костас Кацафадос, е на Крф, каде што бурното време предизвика голема штета: улиците се покриени со камења, кал и остатоци. Врнежите од дожд биле исклучително интензивни – 220 милиметри за помалку од два часа, што објаснува дел од големината на штетата. Противпожарната служба останува во состојба на висока готовност.
Метеоролозите предупредуваат дека опасноста не е завршена, бидејќи водата од планините продолжува да се слева во пониските области. До попладнево во западна Грција се очекуваат нови дождови со јужен ветер и температури над сезонските, до 25 степени Целзиусови во некои региони.
Во Атина се предвидува температура од 22 до 23 степени Целзиусови со можност за локални врнежи, додека во Солун ќе биде облачно со повремени врнежи и температури околу 18-19 степени Целзиусови. Од утре се очекува разведрување, повлекување на јужните ветрови и пад на температурите, со можност за краткотрајни снежни врнежи во планинските делови на Епир.
Во понеделник се очекува стабилно време без дожд, со утрински температури на север до минус два степени и највисоки дневни температури околу 18-19 степени во Атина. Од вторник се предвидува нов бран дожд и јужни ветрови, со врнежи што ќе траат во западна Грција до следната сабота.



























