Најмалку петмина загинати и осум повредени е билансот од два одделни руски напади во Украина, еден во Запорожје и еден во Одеса, соопштија украинските власти доцна синоќа. Нападите повторно го потресоа југот на земјата, оставајќи зад себе разурнати домови, запалени згради и голем број повредени цивили.
Гувернерот на Запорожје, Иван Федоров, информираше дека во градот биле погодени повеќе локации, но засега не може да се прецизира со каков вид оружје е изведен нападот.
– Го губиме највредното, човечки животи. Петмина загинаа, меѓу нив и цивили кои се нашле во погрешен момент на погрешно место – порача тој.
Локалните власти претходно издадоа предупредување за можен удар со наведувана бомба.
Запорожје, индустрискиот град сместен само 20 километри од линијата на фронтот, често е цел на руски напади од почетокот на инвазијата.
Истата вечер, руски беспилотни летала удрија и врз Одеса, каде според Државната служба за вонредни ситуации се повредени пет лица, меѓу кои и едно дете. Нападот предизвикал пожар на повеќе локации.
– Запалени се станбени згради, бензинска пумпа, автомобили и административна зграда. Оштетени се и приватни куќи и камиони – наведуваат од службата.
Пожарникарските и спасувачките тимови работеле со часови за да ја локализираат огнената стихија.
Началникот на Регионалната воена администрација на Одеса, Олег Кипер, потврди дека е делумно уништена приватна станбена зграда, како и соседните куќи.
– Сите надлежни служби се на терен. Се врши детално евидентирање на штетите предизвикани од рускиот напад – изјави Кипер.
Од градската Воена администрација, Серхиј Лисак соопшти дека материјална штета има и врз станбена зграда и деловен објект во друг дел од градот.
– Елиминирањето на последиците продолжува. Тимовите работат непрекинато – додаде тој.
Украинските власти предупредуваат дека руските напади во последните денови се интензивираат, со зголемена употреба на беспилотни летала и наведувани бомби врз густо населени урбани подрачја.




























