Повеќе од 412 милиони деца ширум светот растат лишени од најосновните услови за живот, образование, здравствена заштита и доволна исхрана, покажува најновиот извештај на УНИЦЕФ објавен токму на Меѓународниот ден на детето. Организацијата предупредува дека станува збор за алармантна бројка, која покажува дека светот ризикува да изгуби цела генерација.
Најкритично е во подсахарска Африка, каде што најмногу деца живеат во крајна сиромаштија, а тешка е состојбата и во Јужна и Југоисточна Азија и Пацификот. Според УНИЦЕФ, таму децата секојдневно се соочуваат со недостиг од вода, храна, училишта и основни медицински услуги.
Она што особено загрижува е што меѓународната помош, клучна за опстанокот на многу семејства, драстично се намалува.
– Напредокот што го направивме е загрозен. Многу држави ја кратат помошта за развој и меѓународната соработка, а тоа ги турка најранливите деца уште подлабоко во сиромаштијата – предупредуваат од УНИЦЕФ.
Во извештајот се посочува и дека сиромаштијата не смее да се гледа само низ финансиски бројки. Иако околу 412 милиони деца живеат со помалку од три долари дневно, вистинската слика е многу потешка.
– Најчестото лишување е пристапот до санитарни услови, дури 65% од децата во земјите со ниски приходи немаат ниту основен WC – стои во документот.
Извршната директорка на УНИЦЕФ, Кетрин Расел, потсети дека детската сиромаштија значително се намалила во периодот од 2014 до 2024 година, но само благодарение на силни државни политики и инвестиции. Таа упати јасна порака до владите и приватниот сектор ширум светот.
– Ова не е момент за кратење. Инвестирањето во децата мора да продолжи. Секое дете што го губиме во сиромаштија е пораз за целото општество – вели Расел.



























