Претставничката на Јамајка, д-р Габриел Хенри, имаше драматичен пад од сцената за време на претселекцискиот дел со вечерни фустани на изборот за Мис Универзум во Тајланд.
На социјалните мрежи се појавија снимки на кои се гледа моментот кога Хенри, облечена во долг, лелеав портокалов фустан, одеднаш исчезнува од работ на сцената.
На друга снимка може да се види како ја изнесуваат на носилки.
Организацијата „Мис Универзум“ се огласи со соопштение во кое наведоа дека претседателот Раул Роча Канту ја посетил Хенри во болница. Потврдено е дека е во стабилна состојба и има „неколку полесни повреди“. Таа е задржана на набљудување во болницата во Бангкок.
– Бев со неа и со нејзиното семејство и, за среќа, нема скршени коски. Под добра лекарска грижа е – напиша Канту на Инстаграм.
Инцидентот се случи само два дена пред големото финале на 74. издание од изборот за Мис Универзум, закажано за петок, 21 ноември.



























