Семејна трагедија го потресе малото место Сан Паоло Белсито кај Неапол, каде 25-годишен маж самиот се јавил во полицијата и признал дека ја убил својата сестра, 23-годишната Ноеми Рикарди. Според италијанските медиуми, тој дури ѝ го покажал телото на мајка си преку видео повик, само неколку минути пред да се предаде.
Според истрагата, братот и сестрата боледувале и заедно се лекувале во центар за ментално здравје во Нола. Живееле со својата мајка, која за среќа не била дома во моментот на крвавата расправија. Инцидентот се случил во семејната куќа на улицата Виа Сан Паоло Белсито, каде расправијата брзо преминала во насилство. Момчето, според првичните информации, Ноеми ја прободел најмалку шест пати со кујнски нож.
Кога полицијата влегла во домот, оружјето веќе било пронајдено во станот, а осомничениот стоел смирен. На карабинерите им рекол дека е „исцрпен“ и дека доживеал „напад на лудило“.
Обвинителката Антонела Витаљано отвори истрага и нареди обдукција што треба да потврди како точно починала Ноеми и да го утврди редоследот на настаните. Истрагата ќе се фокусира и на менталната состојба на осомничениот и мотивите кои довеле до овој шокантен чин. Во моментот на убиството во куќата биле само братот и сестрата, што дополнително ја усложнува реконструкцијата на трагичната вечер.



























