Големиот пожар што во понеделник навечер ја зафати загрепската зграда на „Вјесник“ предизвика интерес во целиот регион. Според првичните наоди на истрагата, пожарот избувнал поради дефект во противпожарниот систем, кој овозможил огнот брзо да се прошири низ внатрешните делови на објектот, јавува ХРТ.
Подрачјето околу Славонска авенија, каде се наоѓа зградата, сè уште е под силно полициско и противпожарно обезбедување. Влезот во зградата е забранет бидејќи во внатрешноста и натаму се забележуваат мали пламенчиња и жаришта, а конструкцијата е сериозно оштетена и нестабилна.
Стручните служби вршат проценка на статичката стабилност на објектот, по што ќе се донесе конечна одлука дали зградата може да биде реконструирана или урињето е единствена безбедна опција. Според првичните процени, уривање е поверојатното решение, но стручњаците ќе можат да дадат конечен суд дури кога ќе добијат дозвола да влезат во зградата.
Полицијата и пожарникарите и понатаму го одржуваат безбедносниот периметар и го надгледуваат објектот со дрон, а делови од Славонска авенија остануваат затворени, што предизвикува проблеми во сообраќајот.



























