Американскиот претседател Доналд Трамп објави дека сите амбасади на САД ќе им дадат приоритет при закажувањето визни интервјуа на навивачите кои веќе купиле билети за Светското првенство 2026. Новиот систем на ФИФА – „Pass“ – треба да им овозможи побрз термин на патниците кои вообичаено се соочуваат со долги месеци чекање.
Сепак, американските власти порачаа дека билетот за Мундијал не е виза, ниту гаранција за влез во САД. Државниот секретар Марко Рубио истакна дека сите кои имаат билети ќе добијат само побрз термин, обично во рок од шест до осум недели од апликацијата, но без никакви исклучоци во проверките.
– Вашиот билет не е виза, не гарантира влез во САД. Ќе направиме иста проверка како и за секој друг патник – рече Рубио во Белата куќа.
Светското првенство во 2026 ќе се игра во САД, Канада и Мексико, а очекувањата на ФИФА се дека до 10 милиони посетители ќе патуваат само во САД за да ги следат натпреварите. Претседателот на ФИФА, Џани Инфантино, истакна дека новиот систем ќе им помогне на оние кои навистина сакаат да присуствуваат, особено во земјите каде што времињата за закажување интервју се екстремно долги.
Во Колумбија, на пример, се чека речиси една година за термин за виза, во Мексико Сити девет и пол месеци, а во Торонто, дури 14 месеци. Со такво темпо, многу навивачи би добиле термин дури по завршување на турнирот.
Американската туристичка асоцијација ја поздрави мерката, порачувајќи дека забрзаната процедура ќе ја олесни подготовката за најголемиот фудбалски настан следната година.
Сѐ уште не е јасно дали приоритетните интервјуа ќе важат и за навивачите од земјите опфатени со забраната за патување што ја воведе Трамп оваа година. Меѓу нив е и Иран, кој веќе се пласираше на Светското првенство.
Голем број европски земји, како и Велика Британија, Јапонија и Австралија, се дел од програмата за патување без виза и нивните граѓани нема да мора да аплицираат за виза за влез во САД.
За разлика од последните мундијали во Русија и Катар, каде билетот функционираше и како виза, САД нема да ја применат таа пракса. Навивачите ќе мора да ја завршат целата визната процедура, независно од билетот што го поседуваат.




























